Овој артикл долго време е изложен покрај касите во супермаркетите и секое дете го обожава. Секако, станува збор за Киндер јајце.
Сите оние кои ги убедиле своите родители да им купат Киндер јајце се радувале на спојот на прекрасното чоколадо и забава. А, многу среќници денес може да имаат и дупло повеќе среќа затоа што некои фигури од минатото навистина денес многу повеќе вредат, пренесува „Fenix Magazine“.
Пред сè ова се однесува на Штрумфовите. Доколку имате среќа во својата стара колекција да имате штрумф ноќен чувар, штрумф со огледало или штрумф со флејта, може да се израдувате со неколку илјади евра.
На „Ebay“ ноќниот чувар штрумф има цена до 12.000 евра. Но, бидете внимателни, колекционерите прават разлика и исклучително се детални.
Споменатиот штрумф има голема вредност само доколку е изработен од сина, тврда пластика, со обоена капа и панталони...
Истото важи и за штрумфот со флејта којшто може да има вредност од 5.000 до 10.000 евра доколку е произведен како бела фигура со црвен инструмент. Тоа всушност е грешка при производство затоа што обичните штрумфови чинат неколку стотици евра.
Штрумфот со огледало има вредност од 4.800 до 6.000 евра под еден услов – огледалото мора да биде во сребрена, а не во бела боја.
Џуџето со висока вредност е Фреди Далобст, доколку е од темен основен материјал, вреди од 2.000 до 3.500 евра. Фигурите на Астерикс и Обеликс исто така се продаваат меѓу 100 и 180 евра.