Со години Македонците се едни од најнесреќните народи на Балканот и во Европа, додека Финците веќе петта година по ред се лидери на листата на најсреќни нации.
Можеби ќе ве интересира: Најтешките јазици на светот: Погледнете каде се наоѓа македонскиот на оваа листа
Ги прашавме граѓаните што е она што ги загрижува. Велат дека проблем за нив е лошиот стандард, неорганизираноста во нашето општество, немањето сигурност. Тие сметаат дека граѓаните во развиените држави имаат многу поквалитетен живот и тоа придонесува да бидат посреќни.
„Ние кои живеевме во некое подобро време, знаеме дека денес сè е наопаку, имаме погрешен систем на вредности. Народот сака добро да живее. Му треба социјална правда и благосостојба, не му треба политика. Македонија е пуста, а во Европа луѓето знаат дека работа им е обезбедена, дека правата им се гарантирани и затоа во старт се посмирени, посреќни“, вели Веселинка П, граѓанка.
Како фактори ги наведуваат невработеноста и беспарицата.
„Нема ред каде и да се свртиш. Невработеност, корупција, не функционира системот“, додава друга граѓанка Емине Н.
Повозрасните се загрижени и за иднината на своите деца.
„Кажете ми што е исправно кај нас? За други држави не знам како е, ама кај нас е хаос. Имам пензија, па не можам да издржам, да поминам месец, а како им е на оние кои немаат? Ќе отидеш на лекар, ќе се изнервираш, ќе отидеш во некоја институција, не можеш да завршиш работа и пак си под стрес. На прво место се финансиите и среденоста во државата. Мој роднина со два факултети беше принуден да работи како магационер, а така е затоа што секаде се потребни врски“, објаснува Анкица Ј, граѓанка.
Психологот Јаворка Постоловска вели дека сигурноста која ја имаат граѓаните во развиените земји придонесува за посреќно население.
„Тие не мислат како ќе живеат утре или во поблиска иднина, не се анксиозни и нормално дека тоа влијае на моменталната, но и на долгорочната среќа“, рече психологот.
Социологот Милева Ѓуровска вели дека граѓаните ги мачат два фактори.
„Ги мачи несигурноста за сегашноста и иднината. Не е само економскиот фактор, туку и тоа што сите немаат подеднаков пристап до јавните услуги, здравството, поради несреденоста на општеството“, објаснува Ѓуровска.
За да ја одредат најсреќната земја во светот, експертите анализираа сеопфатни податоци од анкети од 149 земји. Анализираните категории се: бруто-домашен производ по жител, социјална политика и здрав животен век, слобода да се направи сопствен животен избор, дарежливост на населението и ниво на корупција. Првите седум најсреќни земји во светот се северноевропски. По Финска следуваат Данска, Исланд, Холандија, Норвешка и Шведска. Најмалку среќна земја во светот за живеење е Авганистан, кој е на 149-то место. Оваа позиција може да се припише на ниската стапка на очекуваниот животен век и ниските стапки на бруто-домашниот производ по жител. Во последните пет држави се и Зимбабве, Руанда, Боцвана и Лесото. Во нашиот регион, најдобро рангирана земја е Словенија, на 29-то место, Србија на 47-то место, Хрватска на 59-то место и Босна и Херцеговина на 63-то место. По нив следуваат Црна Гора и Македонија на 71-то и 92-то место.
Извор: faktor.mk