Италија стана првата западна земја што го забрани користењето на напредниот чет-бот, „ChatGPT“.
Италијанскиот орган за заштита на податоците изрази загриженост за приватноста во врска со моделот на вештачка интелигенција (ВИ) креиран од американската компанија „Open AI“ и поддржан од „Microsoft“.
Регулаторот изјавил дека ќе го забрани и ќе почне да го истражува чет-ботот веднаш по соопштувањето на одлуката.
Од создавањето на алатката во номеври 2022 година, досега ја користеле милиони луѓе. Во изминатиот период луѓето беа загрижени за потенцијалните ризици што може да ги предизвика вештачката интелигенција како закани за губење на работните места и ширење дезинформации.
Претходно неделава, клучни фигури во технологијата, меѓу кои и Илон Маск повикаа да се суспендираат чет-ботовите поради страв дека нивното развивање излегува надвор од контрола.
Италијанскиот регулатор изјавил дека ќе проверува дали овој модел на ВИ е во согласност со Општата регулатива за заштита на податоците која го регулира начинот на кој можеме да ги користиме, обработуваме и складираме личните податоци.
Регулаторот соопштил дека на 20 март чет-ботот направил прекршување со што добил пристап до лични разговори и информации за платежни картички на неговите корисници. Според органот за заштита на личните податоци, чет-ботот нема правна основа за да се оправда масовното собирање и складирање на лични податоци од корисниците.
Исто така, од таму додаваат дека, алатката нема опција за проверка на возраста на корисниците со што малолетниците ги изложува на апсолутно несоодветни одговори во споредба со нивниот степен на развој и свесност.
„ChatGPT“ е веќе блокиран во Кина, Иран, Северна Кореја и Русија.