Бри (30) од Сиднеј, Австралија, отсекогаш сакала да биде стјуардеса, да патува низ светот и да истражува нови места. Но, по две години летање, таа решила да си даде отказ и наместо да биде стјуардеса, да почне да вози камион низ Австралија.
Бри, која е мајка на две малолетни деца, 10-годишен син и 6-годишна ќерка, реши да ја замени својата страст за патување – од небо на земја.
„Помислив: Не сум била насекаде во Австралија, зошто да не ја истражам земјата, а притоа да заработам за мене и за децата“.
Тогаш решила да ја остави својата гламурозна работа како стјуардеса и да добие дозвола за возење камион со приколка. На почетокот возела помал камион и пренесувала тешки предмети од една до друга локација низ Сиднеј. Мажите, пак, кои возат камиони, не престанувале да ѝ дофрлаат непристојно и да коментираат со потценување кога ќе ја видат.
„Најтешко ми беше кога требаше да се товари нешто на градилиште. Мажите цело време свиркаа, завиваа како волци, мјаукаа по мене“ – вели таа. Нова во возењето, таа понекогаш прави и грешки, но вели дека мажите ѝ ги припишуваат грешките на тоа што е жена, а не затоа што е нова во работата.
Можеби ќе ве интересира: Кои се најмладите милијардери во светот во 2023 година
„Ако маж удри со камион во ѕид, ќе речат дека тоа е затоа што бил изморен. Ако жена го направи истото, тогаш е затоа што е глупава и не ја бидува“ – се жали Бри на дискриминацијата. Таа вели и дека преку радио често комуницира со мажите. Па, кога ќе слушнат женски глас, почнуваат да ја исмеваат.
„Во лице ми велеа дека нема да издржам ни 12 месеци, но, еве ме, тука сум четири години подоцна“ – додава Бри. Таа сега вози поголем камион со две приколки. Патува само низ Сиднеј, иако најпрво сакала да вози низ целата земја.
„Компанијата во која работам сега е огромна и сите сакаат да ви помогнат и да видат дека успевате – тоа е чудесно. А, има и жени возачи, па не сум сама“ – раскажува таa. Бри е активна и на ТикТок и има над 26.000 следбеници со кои споделува како е да се биде жена-камионџија.
„Ја користам оваа платформа за да покажам дека жените се исто толку способни да направат сè што може да направи еден маж“ – вели таа. Поради долгите и исцрпувачки работни смени, понекогаш и по 14 часа на ден, Бри се грижи за нејзините две деца со помош на мајка ѝ.
„Мајка ми ја поддржува мојата работа и се гордее со мене. Мисли дека тоа што го правам е чудесно“ – ја завршува Бри својата приказна.
Извор: crnobelo.com