Американскиот претседател Џозеф (Џо) Бајден и неговата сопруга Џил ги објавија своите даночни пријави, кои покажуваат дека парот заработил речиси 580.000 долари минатата година и платил ефективна федерална стапка на данок на доход од 23,8 отсто.
Претседателот и првата дама на САД донирале и приближно 3,5 отсто од својот приход или 20.180 долари на 20 хуманитарни организации, пренесува Ројтерс.
Тие пријавија бруто приход за 2022 година од 579.514 американски долари и платија 137.658 американски долари федерален данок на доход.
Во 2021 година, првата година на Бајден како претседател, парот пријавил приход од 610.702 долари.
Претседателот на Соединетите Американски Држави зема плата од 400.000 долари за својата канцеларија, а Џил Бајден заработила 82.335 долари од нејзината работа која предава англиски јазик на колеџот Северна Вирџинија.
Остатокот од нивниот приход доаѓа од камати на инвестиции, пензии, ануитети и хонорари од книги. Годишниот извештај, пред истекот на рокот во вторник на полноќ за повеќето Американци да ги поднесат своите даночни пријави, доаѓа во пресрет на претседателската трка во 2024 година во која се очекува Бајден да побара втор, четиригодишен мандат и во која тој може повторно да се соочи со Доналд Трамп како во 2020.
Инаку, за разлика од републиканците, Бајден е за повисоки даноци за корпорациите и поединците кои заработуваат повеќе од 400.000 долари годишно.
Извор: vesnik.com