Правото на поправка е предлог-закон на ЕУ кој има за цел да им овозможи на граѓаните поправка на стар уред наместо купување на нов - со цел да се намали отпадот.
Програмата е смислена за да се намалат количините на електронски отпад така што државата плаќа половина од вредноста на поправката на одреден уред.
Граѓаните и индустријата на Европската Унија на годишно ниво произведуваат 35 милиони тони електронски отпад и 261 милион тони CO₂.
Покрај самата поправка, идејата на предлог-законот Право на поправка е производителите на уреди да обезбедат едноставна поправка и доволен број на резервни делови со што сервисирањето би било поевтино и полесно во однос на купувањето на нов уред.
Реализацијата на оваа програма почна минатата година во Австрија и за само година дена се издадени 560 илјади ваучери во вредност до 200 евра.
Министерството за животна средина на Австрија не се надевало на толку голем одѕив од граѓаните и првично пресметало дека до 2026 година ќе издаде најмногу 400 илјади ваучери. За неполна година таа бројка дури е и надмината.
Секој производител е должен да обезбеди сервис на уредите на свој трошок додека трае гарантниот период сѐ додека вредноста на поправката не чини повеќе од замената на уредот, кога купувачот би добил ист таков нов уред.
По 5 до 10 години од истекот на гаранцијата производителот е должен да може да го поправи уредот, но на трошок на купувачот.
Законот на производителите им налага да мораат да обезбедат транспарентни информации за тоа како производот се поправа, што го укинува монополот врз сервисирањето и на тој начин на малите бизниси им овозможува да сервисираат уреди, што пак ги намалува трошоците за поправка.
Извор: kajgana.com