Не се сеќаваме кога некој филм за научник предизвикал толкав интерес како „Oppenheimer“ на Кристофер Нолан.
Овој истакнат режисер ја прифатил задачата да ја оживее личноста за која се смета дека со својата работа, со помош на колегите, го означила почетокот на атомското време. Поради тоа, не нè изненадува епитетот блокбастер кој му се припишува на филмот од самиот почеток на прикажувањето.
Летото, барем кога зборуваме за киното, во главно било предвидено за полесни теми, како „Barbie“ која пред гледачите пристигна во исто време со филмот за големиот научник, па може да се каже дека е голем успех што филмот за еден од најзначајните физичари во историјата се прифаќа како сигурен хит.
Изгледа дека само серијата „Genius“ на каналот „National Geographic“, предизвикала толкав интерес, но сепак станува збор за телевизиска програма.
За физичарот Џ. Роберт Опенхајмер знаеме помалку или повеќе се, но за Опенхајмер како личност знаеме многу малку, па можеби и речиси ништо, барем кога станува збор за пошироката јавност. Филмот на Нолан е базиран на неговата биографија „American Prometheus“, која ја напишале Мартин Џ. Шервин и Каји Брд. Шервин е клучот на целата приказна.
Овој историчар интервјуирал 112 лица кои имале контакт со физичарот составувајќи 50.000 страници разговори, но не успеал да ја заврши книгата ни по 20 години работа.
На крајот Брд извршил притисок да се доврши таа монументална биографија која Нолан ја претвори во филм.
Дарио Бојаниќ и Дарко Хорватиќ, двајца професори од „FER“, односно „PMF“ во Загреб, споделиле некои од поважните моменти од животот на Опенхајмер, и приредиле и предавање за физичарот во соработка со филмскиот дистрибутер „Editus“. И приказната навистина е неверојатна.
„Бил невешт во друштво на жени и често се однесувал како дете во детска градинка кога станува збор за нив. На пример, ако некој кажел нешто негативно за жената која му се допаѓа, влегувал во вербален, а понекогаш и физички судир“, навеле споменатите соговорници. Биографијата на Опенхајмер често опфаќа и прилично бизарни детали и ситуации кои можеле неговиот живот да го насочат во сосема поинаква насока.
„Минал низ неколку големи лични кризи, напади на депресија и анксиозност, посебно во текот на образованието на Кембриџ. Лабораториската работа му била здодевна, премногу рутинска и недоволно интелектуална. Тогаш чувствувал голема здодевност и недостиг на фокус и насочување. Незадоволен од работата на својот ментор Патрик Блекет, со кого бил во судир околу тоа дека неговата работа не би требало да биде толку лабораториска колку теориска, отрул јаболко и го оставил на масата на менторот. Менторот никогаш не го изел јаболкото, но се слушнало за испадот на Опенхајмер поради што морал на разговори со психијатар. Опенхајмер одел на терапии и погрешно му била дијагностицирана шизофренија, а психијатарот му рекол дека е изгубен случај. Се спасил со одењето на Универзитетот во Готнген, каде доживеал целосен процвет, напредувал во кариерата и почнал да се чувствува подобро. За неговата состојба најдобро зборува изјавата дека физиката му е повеќе потребна од пријател“, рекле Бојаниќ и Хорватиќ.
Тврдењето дека токму Џ. Роберт Опенхајмер бил научник кој го започнал атомското доба не е сосема точно.
„Атомското доба го започна Енрико Ферми со експериментот „Chicago Pile 1“ во декември 1942-ра година. Станува збор за прва контролирана верижна реакција, односно првиот вештачки нуклеарен реактор на светот. Интересно е дека проектот е изведен под трибините на стадионот на Универзитетот во Чикаго, насред густо населено подрачје. Иако воените и цивилни автори на проектот биле загрижени поради можно губење на контралата и појава на верижна реакција, тие им верувале на моделите на Ферми и му дозволиле да го изведе експериментот. Успешноста на експериментот ја покажала можноста на сојузниците да креираат атомско оружје исто како што и го зголемила стравот дека Германците се блиску до решение на тој проблем“.
„Им даваше многу прецизни и јасни инструкции на генералите кои беа одговорни за бомбардирањето за тоа како треба да се испушти бомбата, на која висина треба да се детонира и слично. Од една страна постоела голема одговорност кон проектот, целта која требало да се постигне и победата во војната, а од друга страна бил и сосема свесен за резултатите кои ќе се постигнат. Исто така, се убедувал самиот дека тоа што го постигнале нема да започне повоена трка во вооружување со Советскиот Сојуз. Ја користел својата позиција и влијание за да ја протурка препораката дека Русите јасно треба да се информираат што е направено и дека ќе се користи атомска бомба против Јапонија. Дал оставка на местото управник на лабораторијата во Лос Алос и се состанал со претседателот Труман за да му ги изрази своите сомнежи во употребата на атомското оружје. „Чувствувам крв на своите раце“, е познатата реченица која му ја кажал на Хари Труман на тој состанок. Труман немал никаков обѕир кон сомнежите на Опенхајмер. Го нарекол плачлив научник и им кажал на своите луѓе повеќе да не го пуштаат во неговата канцеларија“.
На крајот да додадеме дека Опенхајмер во 1954-та година бил предмет на истрага поради врските со Комунистичката партија на САД, што многумина го сфатиле како уште една заблуда на научникот.
Опенхајмер сепак доживеал да ги добие своите почести, а минатата година и официјално постхумно бил рехабилитиран од било какви сомнежи од споменатиот процес. Починал од рак на грлото во 1967-ма година, а неговата урна неговата сопруга Кити ја положила во море во близина на плажата на која живееле на Девствените острови.