Шпанија забележа најтопол декемвриски ден во историјата – температурите во вторникот во Малага се искачиле до 29,9 степени Целзиусови, во Валенсија се измерени 27, во Аликанте 24 степени Целзиусови, пренесува „Daily Mail“.
Температурата на морето во Малага во четвртокот наутро изнесувала 17.09 степени, што е повеќе од просечната температура за ова време од годината.
Плажите ширум земјата и натаму се полни со туристи, ски-центрите истовремено го одложуваат почетокот на сезоната, а Каталонија дури и сака да донесе вода со бродови за да се избори со големата суша.
„Ќе мора да преземеме драстични мерки и планираме да прогласиле вонредна состојба во јануари. Се изработуваат планови за носење меѓу 20.000 и 30.000 хектолитри вода во градското подрачје на Барселона“, било соопштено.
Како што наведува „Jutarnji list“, Каталонската влада тврди дека, по 37 месеци со потпросечни количини на дождови, состојбата во резерватите е критична.
За да избегнат уште поголеми проблеми, ќе се ограничи значајно користење на вода во земјоделството и туризмот, а каталонската влада дури и разгледува и опција за казнување на туристите кои пијат премногу вода. Неколку каталонски градски совети веќе добиле казни од Каталонската агенција за вода поради надминување на потрошувачката на вода во септември.
Во популарниот ски-центар Навасерада во близина на Мадрид посетителите се жалат поради недостигот на снег.
„Чувството е страшно. Сето ова требаше да биде прекриено со снег или замрзнато, но како што гледате, прилично е бујно и зелено за ова време од годината“, рекла Таниа, 32-годишен морски биолог.
„Ова е една од најтоплите маси на воздух кои некогаш се појавиле во Шпанија во декември. Освен необичните горештини, се до крајот на јануари се предвидуваат ретки врнежи, што сугерира дека нема да имаме баш добра сезона за зимски спортови кои зависат од снегот, кој, откако ќе се стопи, е клучен извор за вода во пролетните и летните месеци“, рекол Рубен дел Кампо, портпарол н националната метеоролошка агенција „AEMET“.
„Ова за многу го надмина претходниот шпански рекорд од 2010-та година, кога температура од 29,4 степени Целзиусови била забележана во Гранада, во јужниот регион Андалузија. Навистина необично“, додал неговиот колега од Малага, Хесус Риеско.
Горештините уследиле по повеќедневно струење на топлиот воздух ширум Пиринејскиот полуостров.
Иако се навикнати на топло лето, Шпанците последните години бележат се поголем број на интензивни топлински бранови во останатите годишни времиња, што предизвикало паника кај многу научници. Според податоците кои ги објави „AEMET“, нивната зачестеност се зголемила во последните 10 години, што е секако резултат на климатските промени.