Работодавачите често се жалат дека во одредени сектори работниците се со ниска продуктивност и дека тоа е сериозна кочница за бизнисот. Тие објаснуваат дека ја губиме битката со други земји, односно стануваме неконкурентни.
Дополнително, работодавачите алармираа дека во некои сектори работниците се повозрасни, а со тоа и продуктивноста е намалена. Рубинчо Аризанкоски, програмски координатор и администратор во здружението „Достоинствен работник“ Прилеп вели дека продуктивноста не е секогаш поврзана со капацитетот и вештините на вработените. Како што додава, многу често главниот проблем се грешките во системската поставеност и начинот на работа.
„Една работа може да се направи на повеќе начини и ваша работа е да го откриете и имплементирате најпродуктивниот начин на работење. Продуктивноста претставува вредност поделена со време. Вработените не ги плаќате за тоа колку време поминуваат на работа, туку колкава вредност продуцираат во тие часови. Иако, работодавците со години ги стимулираат своите вработени со „проверени“ методи на наградување, како поголема плата, бонуси, дополнителни слободни денови, работни патувања или едукација, но исто така продуктивноста може да се подобри со едноставно разместување на вработените во канцеларијата. Секако, ова зависи и од способностите на вработените и колегите соседи. Продуктивноста може слободно да ја наведеме во три категории, и тоа вработени – продуктивните работници (кои брзо ги завршиле задачите, а ги немале потребните квалитети), квалитетните работници (кои ги завршиле задачите, но полека) и генералистите (просечни во двете димензии) – најдобро се согласувале продуктивните и квалитетните вработени што седеле едни покрај други. Но, да се потенцира дека квалитетниот работник се обидува да ја приспособи брзината на продуктивниот работник, додека продуктивниот работник се обидува да го подобри квалитетот на работата. Во тој случај и во случај кога генералистите се групирани заедно, утврдена е за 14 проценти поголема продуктивност во брзината на работата и профит од 18 проценти во ефикасност, што значи дека има помалку нерешени задачи“, вели Аризанкоски.
Додава дека со зголемување на продуктивноста на вработените природно е да се зголеми и нивната плата. Аризанкоски вели дека наградите можат да ги стимулираат вработените.
„Креирајте систем за награди и казни еднаков за сите вработени за еднаш засекогаш да ги тргнете сите главоболки и поплаки од вработените. Согласно понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, тоа треба да се следи во сите сектори кој од друга страна треба да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и стопанството, која пак треба да биде конкурентна и да постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот и да го подигне животниот стандард и квалитетот на живот на граѓаните“, објаснува Аризанкоски.
Македонските работници заостануваат со продуктивноста во однос на колегите од Европа. Евроамбасадорот Дејвид Гир лани соопшти дека продуктивноста е само 16 отсто од европскиот просек. Според Евростат, работниците во Луксембург и Норвешка се едни од најпродуктивните. И швајцарските работници високо котираат кога е во прашање продуктивноста. Меѓу најпродуктивните се вбројувале и ирските работници.