Од НСА објавиле бројни совети за корисниците на паметни телефони до кои сите би требало да се придржуваат.
Во денешно време целосна безбедност поврзана со уредите не постои. Колку и да сте внимателни при користењето на компјутери и телефони, секогаш постои можност некој да ви провали во уредите, да внесе малвер и слично. Во најголем број на случаи до тоа доаѓа ако корисникот направи погрешен потег, односно кликне на погрешен линк или преземе опасна апликација, но постојат и пропусти за кои не знае никој освен хакерите.
Иако понекогаш нема решение, корисниците би требало да направат сè што е во нивна моќ за да се заштитат и можноста од хакирање да ја сведат на минимум. А како да се направи тоа и да се добие максимална заштита, објавиле од американската агенција за национална безбедност (NSA). Треба да се нагласи дека станува збор за упатства кои неодамна протекле на интернет, а напишани се пред неколку години. Иако не се најнови, слична правила поврзани со безбедност и заштитата важат и денес.
Еден од таквите интересни совети за безбедност на „Андроид“ и „iPhone“ се однесува на гасење на телефонот. Според НСА, потребно е повремено, односно барем еднаш неделно, да се исклучи па да се вклучи телефонот. Со тоа ги намалувате таканаречените зеро-клик напади, кои би можеле да завршат со инсталација на малвер и спајвер на вашите телефони. Иако и натаму постои можност хакерите да ве измамат, со исклучување и повторно вклучување на телефонот таа можност е многу помала, тврдат американските експерти.
Во документите од Агенцијата за национална безбедност (НСА) се споменуваат и други проактивни методи со кои може да се зголеми безбедност на паметните телефони, од кои некои веќе им се на сите добро познати и експертите за безбедност постојано ги повторуваат, иако многумина не се придржуваат до нив.
Еден од тие совети вклучува редовно надградување на оперативните системи и апликации. Таквите надградби често носат и безбедносни подобрувања и ги спречуваат хакерите во нападите на уредите. Исто така, се советува и преземање на апликации од официјалните продавници за апликации, како „Play“ и „AppStore“, кои под притисок на европските регулатори сега полека се отвораат, па на корисниците на „iPhone“ ќе им бидат достапни и апликации од други извори.
Од НСА предупредуваат и на опасност од спојување на јавни „Wi-Fi“ мрежи и УСБ полначи, како и постојано активиран „Bluetooth“. Ако не го користите за поврзување со некои уреди, препораката е таа безжична врска да се деактивира за преку неа да не се спојат други уреди и така да добијат пристап до вашиот телефон. Американските разузнавачи советуваат и на внимание при кликнување на линкови од мејлови и СМС пораки.
За отклучување на телефонот од НСА советуваат користење на биометрија, односно препознавање на лица и отпечатоци од прсти и користење на силни лозинки или пинови, со најмалку шест карактери. Исто така, ако не ги користите за апликации како навигација, исклучете ги и локациските услуги.
Повеќето од овие совети не се нови, но кога луѓето би ги користеле, би имале помалку проблеми со хакери, малвер и шпионски програми. Повеќето корисници се свесни за тоа, но сепак почесто им е поедноставно да го држат „Bluetooth“ активиран или да се спојат на јавна „wi-fi“ мрежа.