Во новото истражување на американските научници беше објавено дека илјадници тони замрзната вода се откриени на врвот на вулкан на Марс. Истражувачите беа фокусирани на регионот на вулканите Тарсис, кои се највисоки во целиот Сончев систем.
Овие планини се на екваторот на Црвената планета, а значењето на откривањето на водата во замрзната состојба (150.000 тони) е големо, бидејќи водата е основен показател за можноста за постоење живот, сметаат научниците.
Замрзнатата вода прв ја забележал орбитерот EkoMars Trace Gas Orbiter (TGO) на Европската вселенска агенција. Главниот автор на новата студија е д-р Адомас Валантинас, а тој и неговите колеги од Универзитетот Браун во трудот посочуваат дека постои еден вид мраз кој прво се кондензира на планините на Марс, а потоа испарува кога температурите стануваат повисоки. Циклусот се одвива на ниво на еден марсовски ден.
„Можно е она што го забележавме, всушност, да е остаток од антички климатски циклус на Марс, каде што во минатото имало врнежи, а можеби дури и снег во областа на вулканот што го набљудувавме и анализиравме“, рече Валантинас.
Тарсис е огромно вулканско плато, кое се протега на илјадници километри. Подигнат е во споредба со остатокот од Марс со висина од околу 10 километри над просечната висина на планетата. Регионот во минатото бил вулкански активен, а јамите, како оваа неодамна забележана, се директен резултат на таа активност.
Научниците неодамна објавија дека течна вода била присутна на Марс најмалку 200 милиони години. Студијата е објавена во списанието Nature Geoscience.