Новиот извештај на осигурителната компанија Allianz заклучува дека многу Германци ги пропуштаат можностите за просперитет затоа што штедат на погрешен начин.
Имено, секој жител на Германија има во просек по 70.000 евра заштеда и недвижен имот со просечна вредност од 130.000 евра. Според Светската банка, Германија е трета по големина економија во светот, додека нејзините жители, според споменатиот извештај, се рангирани на 15-то место според богатството.
Економистите на Allianz забележаа дека приватните финансиски извори значително се зголемија ширум светот во текот на изминатата година. Сепак, овие средства во Германија сега се значително помали отколку пред пандемијата на коронавирус.
Во извештајот се нагласува дека германските штедачи слабо инвестираат бидејќи заработуваат малку пари од своите заштеди. Оние кои ги користат своите заштеди за да купат хартии од вредност, како што се обврзници и акции, се ретки.
Истражувањето на Бундесбанк од 2021 година покажа дека граѓаните со ниски приходи најмногу штедат за да купат станбени недвижности, иако станбените недвижности се скапи. Сепак, оваа форма на штедење и штедење во банките со ниски каматни стапки се смета за солидна и безбедна.
Лошо искуство со акциите на Германски Телеком
Покрај тоа, истражувањата покажаа дека акциите сè уште не се популарни. Забележливо е дека оние со повисоки примања купуваат повеќе акции. Од друга страна, оние со помали примања најмногу ги користат заштедите за вонредни трошоци.
Една од причините зошто е тоа така е лошото искуство на Германците со акциите на Германски Телеком. Имено, во 1996 година државата, новинарите и берзите промовираа купување на акции. Тогаш акциите на Телеком беа продадени на граѓаните и многумина дознаа дека купувањето на една акција не значи дека ќе имаат профит.
Не долго потоа, Франкфуртската берза поттикна купување на акции на млади компании на кои им претстои светла иднина, но и тогаш многу купувачи останаа со празни раце и разочарани.
За многумина најприфатливо е заштедите да се користат за купување недвижен имот, поради зголемувањето на вредноста.