Над 762.000 ноќевања во трите езерски центри оствариле домашни и странски туристи. Само по тој основ нашите хотелиери и сместувачи инкасирале најмалку 25 милиони евра
Во август, нашите три езерски туристички центри—Охрид, Струга и Дојран—примиле повеќе од 150.000 туристи, според најновите податоци од Државниот завод за статистика. Повеќе од 70% од гостите биле сместени во хотелите и приватните капацитети на охридско-струшката ривиера. Дојран, пак, главно ги привлекува транзитните туристи од Србија на пат за Грција.
Вкупно, во август се регистрирани 150.861 домашни туристи во Орхид, Струга, Дојран и во помала мерка во Преспа односнo 4.866 гости вкупно во сите езерски летувалишта просечно дневно.
Од тоа речиси 100.000 гости се домашни туристи, а нешто повеќе од 51.000 лица се странци кои летувале или само ноќевале во нашите езерски центри.
Вкупниот број на остварени ноќевања изнесува над 762.000, а од нив 641.000 оствариле домашни односно македонски туристи. Странските ноќевања во август достигнале 121.000. Тоа значи дека во просек дневно нашите езерски туристички центри остварувале околу 24.600 ноќевања на домашни гости и уште 3.900 странци просечно секој ден ноќевале во нашите сместувачки капацитети во Дојран, Струга, Охрид и во Преспа.
Од извештајот на статистика вреди да се истакне дека Скопје во август го посетиле над 45.000 странски туристи. Тоа значи дека во најтоплото во август Скопје просечно дневно угостувал околу 1.460 странски туристи. Тие реализирале над 75.400 ноќевања што значи дека се задржувале во Скопје во просек на помалку од два дена.
Извор: „Фактор.мк“