Дигитализацијата и современиот живот доведоа до тоа родителите во секој момент да можат да дознаат какви им се оценките на нивните деца. Меѓутоа, како ова влијае врз децата? Едно средно школо во Холандија одлучило да им го блокира пристапот на родителите до оценките на нивните деца во текот на едно тримесечје за да го намали притисокот врз учениците за постигнување подобри резултати.
Како и во многу земји, во Холандија учениците мора да постигнат одреден успех за да продолжат во следната година, но од училиштето „Џордан - Монтесори Лицеј“ во Утрехт велат дека апликацијата поради која родителите знаат за секоја оценка на нивните деца предизвикува стрес кај учениците.
Стијн Уитенбохард, наставник во училиштето, проучувал 500 ученици и открил дека децата чии родители редовно ја проверуваат апликацијата својот стрес го оценуваат со 2,7 од 5. Децата чии родители не ја проверувале постојано апликацијата пријавиле ниво на стрес од 2.
- Овој притисок врз учениците да постигнат успех, според мене, е модерен феномен. Кога јас бев во училиште, извештај се добиваше 4 пати годишно, но во меѓувреме можевте сами да одлучите кога и што ќе им кажете на родителите. Денес родителите можат да добијат известување на телефонот: „Вашето дете доби нова оценка“. Потоа детето оди дома и родителите го чекаат спремни за разговор. Ова е застрашувачко - вели наставникот.
Откако разговарал со директорот Грит Лојшелдер, раководството на училиштето предложило пауза од еден месец од споделување на резултатите. Групите на учениците реагирале позитивно, 95 отсто од родителите се согласиле, а советите на родители инсистирале на суспензија од 10 недели.
Лојшелдер, педагог со 40-годишно искуство, смета дека анксиозноста во врска со оценките во холандскиот школски систем надвладува над развојот на животните вештини, како што се емпатијата и флексибилноста. Тој додава дека методот на Монтесори подразбира одговорност и сопственост над изборите што учениците ги прават во својот процес на учење.
- Фактот дека родителите висат над учениците само предизвикува стрес. Во нашиот образовен систем секогаш велиме: Имате право да згрешите, така учите - потенцира тој.
Ова училиште не е единственото што повикува на помал притисок и опсесија со оценките во време на влошување на резултатите по математика и по јазици, итен недостиг на наставници и сè повеќе деца што ја напуштаат наставата. Повеќе студии, според извештај од 2021 година на Советот за образование на Холандија, повикуваат на подоцнежно тестирање и селекција за да се намали стресот и да се унапредат еднаквите можности.
- Целта на нашиот систем на тестирање значи дека децата не смеат да потфрлат и дека секој резултат е важен. Но, ако не ја добиете задоволителната оценка, би требало да имате шанса повторно да се обидете... Важно е да разбирате - вели Карен Веј, поранешна директорка на тест-сервисот во Холандија, која напишала и теза за тоа каде греши холандскиот систем на тестирање.
Извор: fakulteti.mk