Во септември, пензионерите добија покачување од 2.500 денари, а идната година ќе добијат уште толку. Но, и со ова зголемување пензиите во државата се мали, односно се под минималната плата и не се доволни две пензии за да се покријат месечните трошоци согласно со минималната потрошувачка кошничка, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија. Оттаму појаснуваат дека кај нас пензиите се на кредит, односно двајца работници треба да работат за еден пензионер да зема пензија.
– Кај нас, висината на пензиите е под минималната плата, пензионерите доработуваат за да ги покријат основните трошоци, а не затоа што се чувствуваат работоспособни, како што велат работодавците. Од друга страна, свесни сме дека нашиот ПИОМ е во дупка од осамостојувањето. Така што цело време пензиите се на кредит. Тоа е така затоа што статистички доаѓаат 1,7 вработени на еден пензионер. Тоа значи дека многу повеќе треба да се мотивираат младите да се вработуваат во приватниот сектор, а платите таму да бидат повисоки – изјави за весникот Вечер Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Тој додава дека доколку продолжи трендот да работат пензионерите, поголем дел од работниот век ќе бидат на работа и нема да дочекаат пензија.
Старосната граница за пензионирање во државата засега останува иста – 62 години за жените и 64 за мажите и покрај тоа што финансиските институции како ММФ и Светска банка во повеќе наврати препорачуваа да се разгледа опцијата да се зголеми старосната граница за пензионирање, со цел да се обезбеди одржливост на пензискиот систем.
Тој додава дека не сме исклучок ниту според расположението на граѓаните – луѓето, природно, сакаат порано во пензија, но истовремено се наполно свесни за економската реалност на земјата, односно дека пензиите се мали.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија, пред повеќе од пет години, излегоа со предлог до Владата, кој содржеше повеќе опции за пензионирање. Нивните конкретни предлози се однесуваа за воведување пензионирање врз основа на стажот, без оглед на возраста, можност за се докупи стажот при предвремено пензионирање и воведување бенефициран стаж за одредени категории граѓани.
Од Синдикатот велат дека сè уште нема одговор на нивното барање од пред 10 години, за воведување бенефициран стаж за градежните работници и за работниците од металската индустрија и од рударството.
Министерката за финансии, информираше дека ќе се зголемат пензиите линеарно за 2.500 денари во март и дека сè уште е неизвесно какво ќе биде коригирањето во септември в година.
Извор: vecer.press