
Дали сте се запрашале кое седиште во авионот е најбезбедно во случај на несреќа? Според анализите на податоци од минатите авионски инциденти, најголемите шанси за преживување имаат патниците кои седат во задниот дел од авионот, особено на средните седишта.
Професорот Ден Баб, експерт за воздухопловство од Универзитетот во Невада, вели: „Постојат статистички докази дека најбезбедното место во авионот е во неговиот заден дел“. Според истражување објавено од Time Magazine во 2015 година, кое анализира податоци од Федералната администрација за воздухопловство (FAA) во период од 35 години, седиштата во задната третина од авионот имаат стапка на смртност од 32%, додека тие во средината имаат 39%, а оние напред 38%. Најбезбедни се средните седишта во задниот дел, со стапка на смртност од 28%, додека најнебезбедни се седиштата покрај ходникот во средината на авионот, со стапка од 44%.
Сепак, овие податоци се само статистички показатели базирани на минати авионски несреќи. Некои инциденти покажуваат различни исходи. На пример, во несреќата на United Airlines Flight 232 во 1989 година, повеќето од 184 преживеани патници биле сместени во средниот дел на авионот. Во најтешката авионска катастрофа во историјата – судирот на две авиони на Тенерифе во 1977 година, каде загинаа 583 луѓе, 61-те преживеани биле главно во предниот дел на авионот.
Дали вреди да се избере седиште според безбедноста?
Познавачите истакнуваат дека шанси за преживување зависат од многу фактори, како видот на несреќата и условите при ударот. Освен тоа, летањето е еден од најбезбедните начини на патување – според FAA, шансите да загинете во авионска несреќа се 1 на 8.000, додека во сообраќајна несреќа шансите се 1 на 112.
Иако задниот дел е статистички побезбеден, не секогаш е најудобен избор. Дејвид Ример, извршен директор на AB Aviation Group и преживеан од судир во воздух, објаснува: „Иако податоците покажуваат дека најбезбедните седишта се во задниот дел од авионот, токму таму е најнепријатно за време на турбуленции“.
Кои се најбезбедните седишта во авион?
Експертите препорачуваат уште еден критериум при избор на седиште – близината до излезите. Истражувањето на Универзитетот во Гринич, кое анализирало повеќе од 100 авионски несреќи, покажало дека патниците кои се сместени во радиус од пет редови од излезните врати имаат значително поголеми шанси за успешна евакуација.
Што може да направите за поголема безбедност?
Наместо да бирате седиште само врз основа на статистиките за несреќи, стручњаците препорачуваат други мерки за безбедност:
- Внимателно следете ги инструкциите на екипажот пред полетување.
- Прочитајте ја безбедносната картичка во седишниот џеб.
- Пресметајте колку редови сте од најблискиот излез – во случај на несреќа, ова може да ви помогне да се ориентирате дури и во темнина или чад.
- Во случај на итна евакуација, не губете време со багажот – напуштете го авионот што е можно побрзо.
На крајот на денот, изборот на седиште има мала улога во севкупната безбедност, бидејќи авионите остануваат еден од најбезбедните начини за патување.