
Летото е на прагот, а многумина сонуваат за освежителен одмор покрај море без да потрошат цело богатство.
Ако сте во потрага по дестинации каде што можете да поминете незаборавни моменти за пониска цена, јуни е вистинскиот месец за вас.
Туристичките агенции веќе нудат поволни аранжмани, а со малку организација, одмор од соништата може да стане реалност и за помалку од 200 евра.
Истраживме неколку економични, но прекрасни летни дестинации кои нудат одличен спој на природа, култура и уживање.
Саранда, Албанија – јонскиот бисер на Балканот
Албанија веќе неколку години е меѓу најпопуларните дестинации за евтин, но квалитетен одмор.
Саранда, сместена на Јонското Море, нуди кристално чисти плажи, богата историја и вкусна традиционална храна.
„Сместувањето тука може да се најде и за 10-15 евра по ноќ, а храната е многу достапна. За 200 евра можете да поминете дури и цела недела со сите трошоци“, вели Ивана Петровска, туристички водич од Скопје, која редовно носи групи во Албанија.
Покрај прекрасните плажи како Ксамил и Паски, Саранда е одлична база за дневни екскурзии до античкиот град Бутринт, заштитен од УНЕСКО.
Олимписка Ривиера, Грција – поволно летување во соседството
Грција е секогаш одличен избор, а Олимписката Ривиера нуди идеално место за економично летување.
Паралија, Лептокарија и Неи Пори се меѓу најпознатите места со долги песочни плажи и многу опции за забава.
„Олимписката Ривиера е вистински рај за семејства и за групи кои сакаат да уживаат на море без да трошат премногу. Апартманско сместување е можно да се најде и за 15-25 евра по лице, а локалните таверни нудат богати оброци по пристапни цени“, споделува Александар Јованов, туристички агент.
Дополнителна предност е што до овие места може да се стигне со автобус или автомобил за неколку часа, без скапи авионски билети.
Будва, Црна Гора – лето со шмек на Медитеранот
Будва, со својата староградска архитектура и со убавите плажи, е една од најприфатливите опции за оние кои сакаат комбинација на ноќен живот и релаксација.
„Минатата година успеав да поминам пет дена во Будва со помалку од 200 евра, вклучувајќи превоз, сместување и оброци. Клучот е да се букираат апартмани на време и да се јаде во локални ресторани каде што цените се далеку пониски од туристичките места“, вели Евгенија Цветановска, студентка која редовно патува низ Балканот.
Покрај Будва, може да се посети и Свети Стефан, еден од најпознатите туристички локалитети во Црна Гора.
Влора, Албанија – Мирно бегство од гужвата
Ако сакате поопуштено место, Влора е одлична алтернатива на Саранда. Градот има прекрасни заливи, тиркизно море и убава ривиера која наликува на грчките острови.
„Цените се пониски отколку во другите познати дестинации, а атмосферата е помирна. Апартмани може да се најдат за 12-15 евра по лице, а локалната храна е неверојатно вкусна и евтина,“ вели Гоаранчо Зафировски, авантурист кој веќе три години летува во Влора.
Покрај тоа, Влора е одлична почетна точка за истражување на островот Сазан и природниот парк Логара.
Совети за евтино летување
За да останете во рамки на буџетот, резервирајте сместување навреме, користете јавен превоз, избегнувајте скапи туристички ресторани и истражувајте ги помалку познатите, но подеднакво убави плажи.
Јуни е совршен месец за летување – температурите се пријатни, гужвите сè уште не се во полн ек, а цените се значително пониски од јули и август.
Со добар план и со малку истражување, може да уживате во вистински медитерански одмор за помалку од 200 евра!