
Во последните месеци се забележува тренд на зголемено штедење во домашната валута, наспроти традиционалната практика на чување заштеди во евра.
Според податоците од финансиските институции, депозитите во денари бележат значителен раст, додека штедењето во евра е во стагнација или дури и во благ пад.
Зголемени каматни стапки како главен фактор
Економистите оваа промена ја припишуваат пред сè на поволните каматни стапки кои банките ги нудат за депозитите во денари.
Финансиските аналитичари велат дека во последната година, каматите на денарските депозити се значително повисоки во споредба со девизните.
„Банките во моментов нудат камати од 2% до 3% за орочени денарски депозити, додека за штедење во евра тие изнесуваат само 0.5% до 1%. Ова е клучна причина зошто граѓаните се одлучуваат да ги чуваат своите пари во домашната валута“ објаснуваат експертите.
Покрај тоа, стабилноста на денарот игра значајна улога во зголемената доверба.
Народната банка со години одржува стабилен курс на денарот во однос на еврото, што дополнително ги мотивира штедачите.
Инфлацијата и сигурноста на домашната валута
Друг важен фактор е забавувањето на инфлацијата. Минатата година, граѓаните беа загрижени за порастот на цените, што ги натера да бараат посигурни начини за чување на своите средства.
Сепак, со стабилизацијата на пазарот, довербата во домашната валута повторно се враќа.
„Минатата година повеќе размислував за заштеда во евра, бидејќи не знаев што ќе се случи со цените. Но, сега кога работите се стабилизираа, решив да ги чувам парите во денари, бидејќи добивам повисоки камати”, вели Ангелина Дојчиновска, долгогодишна штедачка.
Доверба во македонскиот финансиски систем
Дополнителен аспект кој придонесува за оваа промена е зголемената доверба во банкарскиот сектор.
Банките нудат разни погодности за штедачите, вклучувајќи безбедни депозити и гаранции.
Народната банка, исто така, преку своите политики, активно работи на зајакнување на финансиската стабилност.
„Граѓаните ја следат состојбата и сè повеќе сфаќаат дека домашниот банкарски систем е сигурен. Регулативите се јасни, гаранциите за депозитите се стабилни, а тоа ги охрабрува луѓето да ги чуваат парите дома, наместо да размислуваат за евра“, велат финансиските консултанти со коишто разговаравме.