Кога се во прашање изумите кои ја промениле или одбележале историјата, прво што нѝ паѓа напамет се машки имиња како Томас Едисон, Никола Тесла, Леонардо да Винчи или Алфред Нобел. Но, што е со жените кои со своите изуми ја одбележале историјата?
Доколку не може да ви “падне” напамет ниту едно женско име, ви претставуваме 6 одлични изуми кои ги потпишуваат исклучиво жени.
Бришачи за автомобил
Мери Андерсон во далечната 1903 година се сетила дека бришачите за автомобили би биле многу корисни. Својот изум во вид на шипка со гумен додаток го патентирала една година подоцна. Иако нејзината идеја е искористена неколку децении подоцна, денеска не би можеле да ги замислиме автомобилите без овој едноставен, но многу важен изум.
Соларно греење
Унгарката д-р Марија Телкес е одговорна за создавањето на првиот систем за греење на соларна енергија. Во 1925 година, таа се преселила во САД и се вработила на проект кој се занимавал токму со оваа проблематика. Во 1940 година, Телкес го развила и го направила достапен за сите првиот систем за греење на сончева енергија за домашна употреба, а во реализацијата на проектот ѝ помогнала уште една успешна жена - архитектката Еленор Рејмонд.
Пиво
Иако не може со сигурност да се потврди кој навистина прв го произвел пивото, податоците до кои дошле истражувачите велат дека тоа била жена, поточно жени. Имено, пред 7.000 години во Месопотамија, жените биле задолжени за производство на пивото.Тоа било вештина која ја знаеле исклучиво припадничките на понежниот пол.
Монопол
Елизабет Меги е “виновникот” за создавање на една од најпопуларните друштвени игри на сите времиња. Оваа игра оригинално се нарекувала “The Landlord's Game” и е измислена, односно патентирана во 1903 година. Иако денешната намена на играта е добра забава и дружба со семејството и пријателите, дизајнерката ја осмислила играта за да го демонстрира трагичниот ефект од алчноста и лакомоста.
Панцир
Верувале или не, заштитниот елек познат како панцир е изум на жена. Нејзиното име е Стефани Кволек, а истражувањето што таа го спровела резултирало со изумот на панцирот, односно материјалот што се користи за нивна изработка.
Производот го патентирала во 1966 година, но тоа не бил нејзиниот единствен производ. Во богатата 40-годишна кариера, Стефани патентирала повеќе од 40 различни производи и е дел од “Inventors Hall of Fame”.
Противпожарни скали
Првите противпожарни скали на надворешната страна на зграда кои во случај на пожар треба да ја олеснат евакуацијата, биле поставени во 1897 година, а идејата била на Ана Конли. Нејзината идеја ја прифатиле многу архитекти, а истата се одржува и до денес.