Флориан Сигер и Карина Фајфер се млад пар од Германија кои освен меѓусебната љубов, ги поврзува уште една заедничка работа, а тоа е што и двајцата се дел од тимот на Маркарт во Македонија. Во Велес живеат речиси една година, а најмногу им се допаѓа македонската култура, гостопримството и луѓето. За Маркарт Македонија велат дека условите за работа и технологијата воопшто не се разликуваат од тие во Германија и останатите претставништва на групацијата ширум светот. Прочитајте ја целата нивна приказна и дознајте зошто Маркарт е многу повеќе од работодавач!
Како се случи да станете дел од Маркарт во Велес?
Флориан: Отсекогаш сакав да стекнам работно искуство во странство. Во 2017-та година, седум недели бев во посета на фабриката во Велес и тогаш понесов со себе едно прекрасно искуство од компанијата и луѓето во неа. После неколку состаноци и разговори со генералниот директор на Маркарт во Велес, г-динот Волфганг Аихер и колегите и колешките од секторот за човечки ресурси во Велес и Германија, и секако, поддршката кон мене и Карина, одлучивме да го потпишеме договорот и да планираме преселба.
Карина: Летото 2017, Флориан се врати од Македонија и ми раскажуваше прекрасни искуства и моменти поминати во земјата. Неговата желба да работи таму се појави уште истиот момент. Тогаш започнавме да размислуваме за заедничко заминување во Велес, за по една година, летото 2018, да ја донесеме конечната одлука.
Во фабриката во Велес сте нешто повеќе од 9 месеци. Како успеавте да се адаптирате и кој најмногу ви помогна околу тоа?
Флориан и Карина: Прилагодувањето не беше воопшто тешко. Сите колеги се многу пријателски расположени и подготвени да помогнат во секое време. Навистина многу ја почитуваме македонската култура и луѓето. Отворени сме за дружба и вклучени во сите активности на локалното население и со огромно задоволство учествуваме во нив. Она што е најважно е дека почнавме да го учиме и македонскиот јазик. Но, сето ова за нас е многу лесно и достапно благодарение на нашите колеги. Посебна благодарност сакаме да му упатиме на колегата Стојан Лазаревски кој секојдневно не учи и упатува во секојдневниот живот на Велешани.
Кажете ни нешто повеќе за вашата работа во фабриката на Маркарт во Велес?
Флориан: Мојата позиција во Маркарт е Специјалист во Алатница. Задолжен сум за околу 140 алати за вбризгување пластика, репарирање и промена на алатите, интерна комуникација со останатите сектори во Маркарт Македонија, со седиштето на Маркарт во Германија и останатите Маркарт локации во Кина, Мексико, Романија, Америка, Индија итн., како и со екстерните домашни и странски добавувачи за алати и резервни делови.
Карина: Јас сум Планер на материјали и производство во секторот за логистика на Маркарт Македонија. Задолжена сум за производните линии на Опел, Јагуар, Мерцедес, Порше и БМВ. Главна обврска ми е да ги обезбедам сите компоненти кои се потребни во производниот процес за произведување на финалниот производ. Станува збор за работна позиција која бара организираност бидејќи добавувачот мора да испорача навремено, запазувајќи го квалитетот и квантитетот на суровините, а од друга страна клиентите не смеат да чекаат. Среќна сум што секој ден се соочувам со нови предизвици, а взаемната поддршка и соработка со колегите ми се многу важни.
Дали постои разлика помеѓу Маркарт во Германија и Маркарт во Македонија?
Флориан: Од една страна, разлика не се забележува бидејќи Маркарт Македонија нуди највисок степен на технологија, хигиена, организираност и управување. Стандардите на Маркарт Групацијата се задолжителни за сите локации, без разлика во која држава се наоѓа претставништвото. На почетокот, многу често ми се случуваше, додека сум во фабриката, понесен од звукот на машините да заборавам дека сум во Македонија па се случуваше дури и на колегите да им се обратам на германски јазик, за после нивната реакција да станам свесен каде навистина сум.
Од друга страна, факторот луѓе, култура, навики и стереотипи... каналите на комуникација може и да се скратат, сите се познаваат меѓусебно, и многу полесно се доаѓа до потребната информација, и секако, човекот што ти треба. Професионалност постои, но границата помеѓу колега и пријател не е воопшто строга.
Дали има дружење и надвор од работното време и кое е вашето омилено место во Велес? Дали ви се допаѓа македонската кујна и колку добро се снаоѓате со македонскиот јазик?
Флориан и Карина: Често се дружиме со нашите колеги, а за викенди не посетуваат пријатели и роднини од Германија. Тука сме скоро една година и веќе сме одлични туристички водичи.
Велешкото езеро Младост ни е омилена најблиска дестинација, а повеќето after work забави се случуваат во Strada café.
На врвот на листата е Охрид, Охридското Езеро и Свети Наум. Прекрасни се Галичица, Маврово и Матка. Никако не се за потценување Куманово, Кратово и Битола. Скопје нуди многу и целосно ги задоволува нашите потреби.
Имате преубава природа. Пред еден месец од работа ни беше организирано и планинарење на Клепа. Супер дружба. Имате превкусна храна, шопска салата и таратур, а печен и пржен пинџур се научивме да подготвуваме и по дома.
Доста разбираме, а малку по малку и зборуваме македонски јазик, секако, со велешки акцент: фала, добро, здраво, како си, кај си бе...
Кои се трите работи кои најмногу ви се допаѓаат во фабриката на Маркарт во Велес?
Флориан:
- Тоа што сум дел од развојниот процес во делот пластика и алатница во Маркарт Македонија, како и во Маркарт генерално.
- Најновата технологија која ја прави интересна секојдневната работа.
- Пријателската и отворена работна атмосфера помеѓу вработените независно од позицијата на која работат.
Карина: Како прво искуство во Маркарт Македонија, јас сум импресионирана од тоа колку колегите се добронамерни, гостопримливи и секогаш подготвени да помогнат, па дури и тогаш кога не е нивна одговорност или надлежност.
Што би им порачале на луѓето во Македонија кои сакаат да станат дел од Маркарт?
Флориан и Карина: Бидете мотивирани и секогаш подготвени за промени, нови технологии и предизвици. Покажете го вашиот ентузијазам и креативност и несомнено ќе станете дел од успешната приказна на Маркарт.