Матурантите кои започнуваат свој бизнис фокусиран на блогирање и игри отсега ќе бидат класифицирани како вработени.
Некои родители можеби ќе превртуваат со очи кога нивните деца ќе им кажат за нивните „кариери“ како блогери и гејмери, но родителите во Кина повеќе нема да го прават тоа затоа што таа земја ја прошири својата дефиниција за тоа што е „работа“, пишува TNW.
Блумберг известува дека локалните матуранти кои започнуваат свој бизнис фокусиран на блогирање или игри отсега ќе бидат класифицирани како вработени, се вели во документот на Министерството за образование објавен на 29 јуни. За да се квалификуваат како вработени, според Централното биро за статистика, луѓето мора да работат најмалку еден платен час неделно.
Новите правила доаѓаат во услови на зголемени стапки на невработеност како резултат на Ковид-19. Документот сугерира дека учеството во инкубаторските програми, програмите за борба против сиромаштијата и приемот во војската, исто така, се смета за редовно вработување.
Проширена дефиниција за работа
Министерството веќе побара од училиштата да разгледаат проширена дефиниција при креирање статистика за вработување и да ги ревидираат сите постојни неточни податоци, наведува Блумберг. Всушност, училиштата ќе се соочат со строга казна ако бидат фатени за неточни информации, иако казните се уште не се прецизирани.
Студентите на колеџ не мора нужно да одат на работа, гледаме дека се повеќе и повеќе имаат многу алтернативи, вклучително и хонорарна заработка, рече економистот и советник на Државниот совет, Танг Мин, додавајќи дека сега „тие можат да започнат свој бизнис само со лаптоп и на тој начин да создадат нова деловна можност“.
Кина има рекордни 8,74 милиони нови матуранти кои влегуваат на пазарот на трудот ова лето, но владата се уште се бори со високата стапка на невработеност. Иако најновата анкета во мај ја намали стапката на невработеност на 5,9 проценти - од рекордни 6,2 проценти во февруари - многумина шпекулираат дека вистинскиот број е поголем заради непријавените мигрантски работници од селските области.