Папата Франциско во новиот состав на Економскиот совет назначи дури шест жени, меѓу кои се наоѓа поранешната благајничка на принцот Чарлс и поренешна министерка во владата на Тони Блер.
Поранешна благајничка на принцот Чарлс и поранешна министерка за образование и транспорт во владата на Тони Блер се меѓу шесте жени избрани од папата Франциско во новиот Економски совет кој ги надгледува ватиканските финансии.
Ова е првпат жени експерти од деловните, банкарските и академските кругови да бидат назначени во Економскиот совет формиран во 2014 година, што е знак дека поглаварот на Римокатоличката црвка го исполнува своето ветување за промовирање на родова еднаквост во администрацијата на Ватикан.
Во ова петнаесетчлено надзорно тело со кое ќе претседава минхенскиот надбискуп и кардинал Рајнхард Маркс, влегоа две Британки, Лесли Ферар, која веќе седум години се грижеше за финансиите на принцот од Велс, и Рут кели, поранешна помлада министерка во владата на Блер и членка на влијателната католичка организација „Опус Деи“.
Меѓу останатите експерти избрани во Економскиот совет на Ватикан се Шарлот Кројтер - професорка по германско јавно право, Марија Колак - истакната банкарка од Берлин, а и две успешни деловни жени од Шпанија, Ева Кастиљо Санц и Марија Консепсион Осакар Гараикоечеа.
До неодамна, највлијателни жени во најмалиот град-држава во светот беа Барбара Јата - директорка на Ватиканските музеи и Кристијан Мари, заменик-шеф на канцеларијата за односи со јавност.
Новите прогресивни ветрови во Ватикан се почувствуваа минатата година кога папата Франциско ги назначи првите четири жени како советници на Бискупскиот синод, институција основана пред половина век.
Во јануари, папата направи голем чекор кога ја назначи првата жена на висока позиција во државниот секретаријат на Ватикан, во кој традиционално доминираат мажи.
Италијанката Франческа ди Џовани ја презеде новоформираната канцеларија за односи со државите и со тоа практично стана еден од двајцата заменик шефови на дипломатијата на Светата столица и надбискупот Пол Галагер.