Зборот пандемија до пред една година беше речиси незастапен во пребарувањата на интернет, а со оглед на глобалната криза што ја донесе 2020 година, пандемијата е најбараниот збор оваа година, според Мериам-Вебстер.
Понекогаш еден збор дефинира период и во оваа исклучително тешка година тоа е секако зборот „пандемија “што веднаш се појави во центарот на вниманието за време на нашето пребарување на најбараниот збор оваа година, изјавија од Мериам-Вебстер, пренесува ABC News.
Според издавачката компанија, првиот голем скок во пребарувањата за „пандемија“ се случил на 3 февруари, кога потрагата по значењето на овој збор се зголемила за 1.612 проценти во споредба со истото време минатата година.
Потрагата по значењето на зборот „пандемија“ всушност започна да се зголемува од 20 јануари, истиот ден кога беше регистриран првиот случај на инфекција во САД.
Луѓето очигледно обрнуваа поголемо внимание на вестите и раните описи на природата на болеста на почетокот. Тој првичен скок во февруари на зборот „пандемијата" не опадна. На почетокот на март, зборот се пребаруваше во просек за 4.000 проценти повеќе отколку во истиот период во 2019 година, објаснија од Мериам-Вебстер.
Сепак, најголемиот скок во пребарувањето по зборот „пандемија“, што не изненадува многу, се случи на 11 март, кога Светската здравствена организација официјално прогласи пандемија на коронавирусот.
Мериам-Вебстер ја дефинира „пандемијата“ како „појава на болест што се јавува на широка географска област и обично погодува значителен дел од популацијата.
Меѓу другите десет најпребарувани зборови во 2020 година се „коронавирус“ и „карантин“.