Следната недела ќе биде објавен јавниот повик за финансиска поддршка од 1 милион евра за компаниите да можат да реализираат настани од јавен интерес со домашни изведувачи, најави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, на средбата со претставници на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП).
Преку јавниот повик ќе бидат ангажирани исклучиво домашни организатори, изведувачи и подизведувачи за реализација на настани осмислени од апликантите за одбележување 30 години независност на Македонија, во периодот јуни – септември 2021.
Владините претставници информираа дека повикот за финансиска поддршка ќе биде објавен во најбрз можен рок, во текот на наредната недела, за вкупен износ од 61 милион и 500 илјади денари, а на него ќе може да аплицираат и да бидат поддржани сите компании кои организираат настани и кои ќе исполнат јасни и прецизни критериуми.
Настаните кои ќе бидат поддржани не се дел од официјалните државни настани кои Владата преку засебна програма ќе ги организира за официјално одбележување на 8 септември, Денот на независноста.
Владата информираше дека ќе ја оценува секоја апликација поединечно и ќе бодува според поставените критериуми и согласно тоа бројот на апликанти нема да влијае врз оценките за секоја индивидуална апликација. Тоа значи дека одлуката зависи од оценката на апликацијата за тој проект, а не од тоа колку апликации стигнале на повикот – има доволно буџет за сите кои ќе ги исполнат условите.
makfax.com.mk