Новосадскиот градоначалник Милош Вучевиќ, изјави дека, благодарение на големиот успех на Србија во масовната вакцинација, ЕГЗИТ (Exit) Фестивалот има можности да се одржи ова лето. Долго исчекуваната вест претставува клучна потврда дека големата прослава на 20-годишнината на ЕГЗИТ ќе биде одржана според планот – од 8 до 11 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, со учество на некои од водечките светски ѕвезди, како што се Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Тајга, Ерик Приц б2б Фоур Тет, Пол Калкбренер, Нина Кравиц, Борис Брејча, Пол ван Дајк, Соломун, Шек Вес, Сепултура, Метрономи, Хани Дижон и многу други.
„Одржувањето на Егзит ќе биде симбол на победата на Србија над пандемијата“ кажа градоначалникот Вучевиќ, кој е член на Националниот кризен штаб за борба против пандемијата и додаде дека „ЕГЗИТ е од огромно значење за туризмот и промоцијата на земјата“. Како што тој објасни, влезот на фестивалот ќе им биде овозможен на сите кои се вакцинирани и на сите кои го прележале корона-вирусот. За сите останати посетители од земјата и светот ќе бидат овозможени брзи антигенски тестови по многу поволни цени, во посебно организирана зона во непосредна близина на фестивалските капии. Влезот во Србија уште сега им е веќе дозволен на странците, додека пак до јуни се очекува и дека ќе биде целосно укинат задолжителниот ПЦР тест за влез во земјата. Сите детали поврзани со влезот во земјата и на Фестивалот ќе бидат навремено објавени на официјалниот сајт на ЕГЗИТ во склад со идните актуелни мерки пропишани од страна на Владата на Република Србија.
„Исклучително сме возбудени поради оваа вест и можноста заедно со публиката од целиот свет, на нашата омилена тврдина да прославиме две децении на Фестивалот, да го славиме животот! Имајќи ги предвид сите тешкотии на кои бевме изложени претходните година дена, веќе сега чувствуваме дека овој ’Биг Бенг’ на позитивна енергија ќе отвори потполно нови димензии на фестивалското искуство и ќе го обележи овогодишниот ЕГЗИТ како еден од најпосебните. Сепак, мораме да останеме одговорни во наредните месеци и ги повикуваме сите кои имаат прилика што поскоро да се вакцинираат, бидејќи здравјето и безбедноста на сите посетители, изведувачи и членови на тимот, се наш приоритет“, изјави Душан Ковачевиќ, основач и директор на ЕГЗИТ фестивал.
Србија во изминативе неколку месеци оствари големи успеси кога е во прашање масовната вакцинација. Покрај тоа што им овозможи на своите граѓани да бираат помеѓу различните производители на вакцините од целиот свет, Србија е единствената земја која бесплатно вакцинираше и десетици илјади странци од цела Европа.
„Ние ќе им овозможиме на сите наши посетители кои тоа го сакаат, да се пријават за вакцинација во Србија, а повеќе информации за тоа ќе објавиме наскоро“, истакна Ковачевиќ.
Сето ова ќе овозможи големата прослава на 20-годишнината на ЕГЗИТ Фестивалот да се одржи од 8 до 11 јули 2021 година, на светски познатата Петроварадинска тврдина, една од најголемите средновековни тврдини во Европа, лоцирана на самиот брег на Дунав. Од Егзит веќе за следната недела најавуваат нови објави на изведувачите кои своето место ќе го најдат на повеќе од 40 бини и зони, распоредени ширум фестивалскиот простор.