Од МНР наведуваат дека сите патници кои влегуваат во Грција, независно од нивното државјанство и начинот на влез, се должни да поседуваат сертификат за вакцинација на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа, согласно домашното законодавство и да имаат доказ дека се поминати најмалку 14 дена од денот на нивната вакцинација против КОВИД-19. Сертификатот за вакцинација треба да содржи: име и презиме на лицето, како што е наведено во пасошот, видот на примената вакцина, бројот на примени дози и датумот на нивното примање. Алтернативно, да имаат негативен резултат од PCR тест, не постар од 72 часа издаден од сертифицирани јавни или приватни лаборатории, на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.
Патниците алтернативно можат да остварат влез и со потврди дека прележале КОВИД-19, дијагностициран со позитивен ПЦР-тест или потврда за присуство на антитела со важност од два до 9 месеци од датум на дијагностицирањето на болеста. Потврдата треба да е издадена од јавна установа или од сертифицирани јавни или приватни лаборатории од согласно националното законодавство на земјата на пристигнување, на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик. Овие обврски важат и за малолетни деца над пет години.
Документите, како што се наведува, мора да се презентираат пред соодветните грчки погранични органи или Генералниот секретаријат за цивилна заштита.
Сите патници кои патуваат во Хеленската Република, независно од нивното државјанство и начинот на влез во земјата, ќе бидат подложени на rapid-тест на граничниот премин, врз основа на соодветен алгоритам и се должни за време на престојот во земјата да ги почитуваат вонредните мерки за спречување на ширењето на КОВИД-19, согласно претходните министерски одлуки. Лицата кои ќе бидат подложени на рапид тестови, остануваат на граничниот премин се до издавањето на резултатот од тестот. Против патниците кои ќе ги прекршат овие мерки, ќе бидат изречени соодветни законски санкции.