Без ПЦР тест, потврда за вакцинација или тест за антитела, Македонците ќе можат оваа сезона да влезат единствено во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Србија.
Но тоа не е така за една од најпосетуваните дестинации на нашите сограѓани. За влез на територијата на Грција задолжителен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест (не постар од 72 часа), но алтернативно може да се прикаже потврда за прележан ковид-19, како и задолжителниот ПФЛ документ кој се пополнува 24 часа пред влез во државата.
Овие правила за влез беа воведени минатата недела, а властите во Грција одлучија тие да бидат продолжени до 31 мај 2021 година.
Граничниот премин Евзони (Богородица) е единствениот кој е отворен за македонските граѓани со работно време од 7 до 23 часот по локално време, односно од 6 до 22 по македонско време.
Во моментов сите вакцинирани граѓани на Македонија не можат да одат во Турција, но се очекува наскоро ова да се промени, Во моментов, влез во оваа земја е можен само со направен негативен тест за ПЦР не постар од 72 часа. Секако оние кои сакаат да летуваат во оваа земја задолжително мора да пополнат образец за влез кој е речиси идентичен како тој што е потребен за во Грција.
Влез во Бугарија до неодамна беше единствено можен со негативен ПЦР тест, но тоа сега е променето.
– Сите вакцинирани лица може да влезат во Бугарија, а исто така и оние кои имаат негативен ПЦР тест извршен до 72 часа пред влегувањето во земјата или негативен резултат од брз тест на антиген до 48 часа пред влегување. Исто така е овозможен влез и со документ што покажува позитивен резултат на тест со полимеразна верижна реакција или брз тест за антиген за ковид-19 за лица кои биле заболени од ковид-19 за периодот од 15-ти до 180-ти ден од датумот на тестирањето, внесен во документот – велат од бугарската амбасада во Скопје.
Една од поегзотичните дестинации која често е посетувана од Македонците е Египет, земја која може да се најде во понудите на домашните туристички агенции, но и за влез во оваа земја потребни се одредени документи.
– За државјаните на Република Северна Македонија, од 01.09.2020 година, за влез и транзит низ Арапската Република Египет, е задолжителен негативен ПЦР тест не постар од 72 часа. Мерката не се однесува за децата до седумгодишна возраст кои патуваат со своите родители. Државјаните на РСМ, влезна виза добиваат на аеродромите по пристигнувањето и таа чини 25 американски долари. Носителите на дипломатски патни исправи, влезни египетски визи задолжително треба да побараат во Египетската Амбасада во Софија – се вели во соопштението на македонското МНР.
Оние кои сакаат да одат на хрватскиот брег треба да имаат еден негативен тест за ПЦР или потврда за вакцинација, но дека втората доза е примена најмалку 14 дена порано или тест за антиген. Исто така, потребно е однапред да се резервира сместување и да се достави потврда за тоа, како и причината за влез во земјата. Хрватите ги преферираат вакцините одобрени во ЕУ.
Извор +Инфо