Трошоците на животот во мај 2021 година, во однос на мај 2020 година, бележат зголемување од 3%, а кај цените на мало има пораст од 3,9%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 9,1%, свежото и разладеното овошје за 4,1%, маслото и маснотиите за 2,1%, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,4% и месото за 0,3%.
Во мај, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот, е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 12,4%, парамедицинските услуги за 5,5%, обувките за 3,3%, информатичката опрема за обработка на податоците за 2,8%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 1,6%, медиумите за снимање за 0,8%, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 0,6%, медицинските услуги, стоматолошките услуги за 0,5%, материјалите за одржување и поправки за живеалиштето, градините, растенијата и цвеќињата за 0,4%, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,3%, малите алатки и останатите додатоци, фармацевтските производи, другите медицински производи, патниот патнички транспорт, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,2%.
Намалување на индексите на трошоците на животот во мај 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 0,3%.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 3%, моторните возила за 1,5%, велосипедите за 0,5%, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 0,4%, книгите за 0,3%.
извор: biznisinfo.mk