D-димер е мал протеински фрагмент од системот за згрутчување на крвта, така наречен хемостаза. Спаѓа во групата на т. н. фибриндеградациони продукти кои се создаваат во процесот на фибринолиза при разградување на крвен тромб кој бил предходно формиран. Д-димер вредностите можат да бидат лесно покачени во текот на менструалниот период, во случај на хируршки интервенции, при механички повреди кај ткивата, при нивното интензивно зарастување како и при зарастување на крвни садови.
Најчесто високите вредности на овој параметар се поврзуваат со постоењето на длабоки тромбози, малигни заболувања, воспаление, заболување на црниот дроб (намален клиренс), срцеви заболувања, сепса или како резултат на хемодијализа.
Koга и колку често треба да се мери Д-димерот?
Соодветна е проверка на Д-димерот при доаѓањето во одделот за итни случаи, установа за итна помош или амбуланта. За хоспитализирани пациенти, не постои консензус во врска со тоа колку често треба да се мери Д-димерот или како треба да се постапува според резултатите во однос на антикоагулацијата. Кај пациентите кои се позитивни на Корона вирусот, неговите вредности се зголемуваат, што им укажува на лекарите на фактот дека заразеното лице може да развие посериозна клиничка слика на Ковид 19, поради што тие го третираат поагресивно од самиот почеток. Лекарите укажуваат на тоа дека овој тест не се работи кај сите пациенти, туку само кај оние со потешка клиничка слика.
Затоа најдобро е анализата за нивото на Д-димерот да ја работите во консултација со лекар и проценката на неговото ниво и интерпретација да ја оставите на лекарот. Секое работење на оваа анализа на барање на пациентот може додатно да го збуни и да го изложи на непотребен трошок.
извор: bitolanews.mk