Стриминг платформата Netflx планира да инвестира повеќе во видеоигри бидејќи очекува послаб раст на бројот на претплатници на услугата за стриминг поради конкуренцијата и укинувањето на пандемиските ограничувања.
Netflx бележи многу побавен раст во бројот на нови претплатници по врвот во 2020 година, што беше поттикнато од мерките за затворање и ограничувањата на движењето наметнати од владите за спречување пандемијата со COVID-19.
Компанијата соопшти дека почна со проширување на својата понуда со видеоигри, кои ќе им бидат достапни на претплатниците без дополнителни трошоци и првично ќе се фокусираат првенствено на игри за мобилните уреди.
„Оценуваме дека игрите се нова содржина, слична на нашето проширување со оригинални филмови, анимации и телевизиски емисии без сценарија“, се наведува во соопштението на Netflx.
Компанијата соопшти и дека во вториот квартл од годината привлекла 1,54 милиони нови претплатници и сега има вкупно 209 милиони. Во истиот период минатата година, на почетокот на пандемијата, тие забележаа 10,1 милиони нови претплатници. Во периодот од јули до септември, тие очекуваат нови 3,5 милиони претплатници. Приходите на Netflx се зголемија за 19 проценти во вториот квартал, на 7,3 милијарди долари. Нето добивката скоро двојно се зголеми на 1,35 милијарди долари.
Пандемијата оваа година негативно се одрази врз производството на ТВ-продукцијата на Netflx, со што се стесни изборот на нови наслови. Компанијата најави подобрување во втората половина на годината.