Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чии членови на седницата која се одржа вчера во попладневните часови го прифатија предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење на кризна состојба на територијата на Македонија заради зголемена појава на пожари, соопштија владините служби.
Владата на денешната 95-та седница, која се одржа изутринава донесе Одлука за постоење кризна состојба на територијата на Македонија во траење од 30 дена.
Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чии членови на седницата која се одржа вчера во попладневните часови го прифатија предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење на кризна состојба на територијата на Македонија заради зголемена појава на пожари, соопштија владините служби.
Одлуката за постоење на кризна состојба на територијата на Македонија заради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати институции, заради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење.
Заради операционализирање на Одлуката, Владата донесе заклучоци:
– На Претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Македонија во справување со кризната состојба,
– Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.
– Министерството за внатрешни работи, Армијата на Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите останати засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа во Македонија да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба,
– Владата го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на Македонија.