Ваучерот за користење на средства за организиран одмор ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година, во некои од угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб- страницата на Министерство за економија
Министерството за економија ја објави втората листа на одобрени потврди за користење на средства за организиран одмор во износ од 12 илјади денари за семејства со ниски месечни примања кои не го надминуваат нето-износот од 30 илјади денари. Претходно, министерството обезбеди дополнителни 23 милиони денари за ваучери за туризам од 12.000 денари за лица со ниски приходи кои аплицираа на Јавниот повик. Со ребалансот на Буџетот за 2021 година обезбедени беа дополнителни средства за ваучери за туризам, со што над 3.500 граѓани со ниски приходи оваа година ќе може да летуваат во домашните туристички капацитети. Така бројот на ваучери за туризам од 1.250 се зголеми на 4.000 од кои во првиот дел беа издадени 2.500 ваучери.
Граѓаните на социјалните мрежи реагираа дека ваучерите за летување годинава ги добиле многу доцна, бидејќи годишните одмори веќе им завршуваат, а децата треба да тргнат на училиште. И од Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) реагираа дека ваучерите за летување се задоцнети и оти истите требаше да се дадат во јуни за да можат граѓаните да си ги планираат годишните одмори.
-Вториот дел од ваучерите се даде многу доцна, а причината е компликуваната процедура за издавање и задоцнетиот огласот за аплицирање. Сега вака граѓаните ќе треба да одат на летување во септември и октомври што е многу доцна затоа што ќе им завршат одморите на голем дел од граѓаните кои користат колективни годишни одмори, а и распустот на децата. Ако ваучерите се дадеа во јуни, граѓаните ќе можеа да си ги планираат годишните одмори, а и ефектот врз туристичкиот сектор ќе беше многу поголем, изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски.
Ваучерот за користење на средства за организиран одмор ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година, во некои од угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб- страницата на Министерство за економија
Добитниците на потврди кои се од Скопје, истите ќе можат да ги подигнат во Министерството за економија – Сектор за туризам и угостителство, од понеделник 16. 8. 2021 година, од 9 до 14 часот. На добитниците кои не се од градот Скопје, истите ќе им бидат испратени по пошта.