Фондот одлучил и да ги анализира причините за отсуство на записите од М4 обрасците во системот и да ги отстрани слабостите, за да им се олесни на граѓаните кои имаат некомплетни податоци за стажот.
По речиси триесеттина години, ќе се дигитализира работната историја на вработените во фирмите кои веќе не постојат поради стечај или ликвидација. Темата е актуелна за граѓаните кои се пред пензија и кои досега потребната документација ја обезбедуваа од стечајните управници на тие фирми.
Дел од стечајните работници велат дека немале посериозни проблеми, но има и такви на кои им фалеле податоци за стажот или платата, што им се одразило врз висината на пензијата. Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на земјава (ПИОСМ) за „Слободен печат“ велат дека се подготвени да пристапат кон прибирање на податоците за осигурениците од фирмите, врз основа на документи со кои располага Државниот архив на земјава.
–Фондот записнички, на краток рок, ќе ги преземе документите од Државниот архив на РСМ, кои содржат податоци за стаж и плата на осигурениците, ќе ги внесе во системот, ќе ги скенира и микрофилмува, а потоа ќе ги врати повторно на чување во Aрхивот. Документите кои содржат податоци за исплатени плати, надоместоци од плати, други основици на осигурување, часови поминати на работа и степен на зголемување на стажот врз основа на уверенијата за бенефициран стаж – документација (записници) за уплата на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување, се важни за осигурениците при остварување на право од пензиско и инвалидско осигурување – велат од Фондот и додаваат дека за оваа операција, двете институции се подготвуваат да потпишат и Меморандум.
И експертите и граѓаните се согласни дека оваа постапка е значајна за граѓаните, зашто ќе се намалат нивните обврски и трошоци, на кои сега се изложени, а од друга страна ќе се добие побрзо и поедноставно регулирање на податоците за стаж на осигурување и плати.
-Паралелно со ова, се работи и на консолидација на податоците на ПИОСМ. Фондот одлучи да ги анализира причините за отсуство на записите од М4 обрасците во системот и да изнајде соодветни решенија за да ги отстрани слабостите. Целта е да им се олесни на граѓаните кои имаат некомплетни податоци за стаж во Фондот. Се работи на проблемот, како да се унапредат законските решенија за комплетирање на евиденцијата на осигурениците, како дел од Проектот за администрирање на социјалното осигурување (СИАП), за што на земјава ѝ беше одобрен кредит од Меѓународната банка за обнова и развој – информираат од Фондот.