Во 50 пописни реони во Северна Македонија денеска почнува Пописот на население, домаќинства и станови. Статистичката операција официјално стартува изутринава во 8 часот, а ќе трае до 30 септември, до кога ќе трае и онлајн пописот на дијаспората, што почна на 1 март. Досега во дијаспората се попишани приближно 191.000 граѓани.
Во земјава по 20 години се спроведува попис. Последен пат ваква статистичка операција се спроведе во 2002 година, а надлежните сега уверуваат дека се е подготвено за пребројувањето на населението, домаќинствата и становите, со што ќе се добие точна бројка за населението, каде точно е распоредено, слика за половата, старосната, образовната, економската структура, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.
Надлежните потенцираат дека операцијата ќе биде безбедна со оглед на тоа што се спроведува во услови на пандемија на COVID-19 и тоа во четвртиот бран, кога изминатиов период бележиме зголемување на бројот на заразени. Велат пописот ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи и не постои никаква шанса за ширење на вирусот.
Попис во услови на пандемија
Пописот првично требаше да се одржи во април, но се одложи поради пандемијата. Статистичката операција се спроведува по претходно предвидени протоколи. Две третини од попишувачите се вакцинирани, а оние граѓани кои не сакаат да примат невакцинирани попишувачи, ќе имат можност да побараат вакцинирани.
Доколку постојат услови, треба да се користи секоја можност за попишување во двор, на тераса, веранда, со задолжително носење на заштитна маска (КН95) и растојание од најмалку 1,5-2 метри.
Ова го содржи Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година, кој беше усвоен од Владата на 2 март, на предлог на Комисијата за заразни болести.
Мерките за теренското попишување предвидуваат и задолжително носење заштитна маска (КН95) во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето, задолжително одржување на пропишаната дистанца од 1,5-2 метри, забрана за вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот.
Протоколот содржи и забрана за пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот, предвидено е користење на средства за дезинфекција на рацете пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, надворешна дезинфекција на лап-топот пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството. Согласно Протоколот секаде каде што дозволуваат условите се препорачува попишувањето да се спроведува на отворен простор. Во однос на заболените од Ковид-19 Министерството за здравство на дневна основа ќе доставува списоци, каде има заболени лица и лица во изолација.
Доколку членовите на едно домаќинство кои треба да се попишат не се дома, тогаш попишувачите оставаат порака со временска одредница кога повторно ќе поминат. Оставаат и телефонски број во случај ако лицето не е во можност во наведениот период да биде дома, да закаже со попишувачот кога може да се спроведе попишувањето. Во однос на граѓаните кои ќе одбијат да се попишат има прекршочни мерки и глоби.
Извор: kajgana.com