Трета доза на вакцина од денеска достапна за граѓаните над 60 години возраст, здравствените работници и пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба, без оглед на возраста. Третата доза вакцина треба да биде од производителот „Фајзер“, а дополнително ќе следат препораки за вакцини од други производители.
Министерот за здравство Венко Филипе најави и скрининг на генералната здравствена состојба на населението, како и брзи антигенски тестови за учениците.
– Граѓаните над 60 години кои примиле втора доза во моментот кога ќе поминат шест месеци ќе добијат СМС-порака дека може да се јават и да примат трета доза вакцина. Таа порака ќе биде потсетување дека нема посебен термин или пункт, може да одат каде било најблиску до местото на живеење. И понатаму ќе функционира пунктот во салата „Борис Трајковски“, во сите други поликлиники тука во Скопје и ширум државата, изјави вчера Филипче.
Во однос на скринингот на училиштата, министерот посочи дека прво ќе се почне со обезбедување согласност од родителите, а потоа ќе биде презентирана и методологијата.
– Јас верувам дека подготовката во текот на следнава недела ќе заврши и дека од таа недела потоа ќе го започнеме процесот на тестирање. Сакам да кажам дека целта е да се откријат евентуални асимптоматски носители на вирусот, знаејќи дека децата се најчестите асимптоматски преносители, рече Филипче.