Покрај Институтот за извоз, тука се и Клубот на менаџери кој од 15 ноември 2021 ќе воспостави Школа на бизнис-лидери, како и Развој на мали, средни бизниси и стартап бизниси преку воспоставување Модул за развој на мали и средни бизниси како и Модул за развој на старт ап бизниси, исто така од 15 ноември.
Од 1 ноември 2021 година ќе почне со работа Школата за продуцирање кадри за зголемување на извозот со крајна цел – формирање институт за извоз, најави денеска Советот за унапредување на високото образование на Стопанската комора на Северна Македонија.
Советот се формира на 17 септември 2021, а денеска на прес-конференција ги соопшти предвидените активности, чија примарна цел, како што беше речено, е организирање и поттикнување соодветни облици за континуирано функционално образование, иновација на знаењата на раководните кадри и на другите стручни кадри, како и професионална надградба на стекнатите знаења преку стручно оспособување.
Советот ќе ја поттикнува и имплементацијата на европските правила и стандарди.
-Со вчерашното конституирање на Советот, завршува процесот на суштинска трансформација наречен „Комора на иднината“ во пресрет на 100 годишнината од нејзиното постоење. Со конституирањето на Советот за унапредување на индустриското производство и извозот; Советот за унапредување на високото образование; Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките и Советот за напредни технологии се анимираа неколку 100-тини нови бизнисмени и научни работници кои што треба да го спроведат до крај новиот концепт. Сите тие личности со интегритет, без никакви забелешки, ја прифатија нашата понуда да ни се придружат и на тој начин да ни помогнат и себеси, и на Комората, и на државата во градење на иднината, рече потретседателот на Стопанската комора, Јелисавета Георгиева Јовевска.
Според неа, Комората всушност работи на нови услуги за потребите на компаниите, односно на сосема нов концепт на високото и средното образование што ќе формира кадри потребни за бизнисот, што ќе ги отвори процесите на дигитализација, роботизација, индустриски дизајн, телекомуникации и што ќе поттикне формирање берза на трудот, имплементирање на системот на дуално образование и подигнување на капацитетите на арбитражата, медијацијата и судот на честа.
-Со овој концепт на функционирање на Советот му помагаме на стопанството и овој модел не е замена за високото формално образование, туку со него ќе се настојува преку практична настава да се создаваат лидери, да се зголемат вештините за водење бизнис и прв пат, ваквиот концепт ги вклучува стартапите кои ќе се поддржуваат не само преку учење на вештини, туку и преку финансирање добри идеи поврзани со форуми на инвеститори (преку финансирање од домашни и меѓународни институции). Веруваме дека овој Совет ќе придонесе во зголемување на конкурентноста, ефикасноста, вработувањето и обезбедување поголем економски раст во земјата, истакна Георгиева Јовевска.
Претседателот на Советот, Глигор Бишев рече дека веќе се развиени три програми со посебни модули кои ќе ги реализираат зацртаните цели во однос на сите прашања поврзани со надградбата на знаењата на високообразовните кадри. Покрај Институтот за извоз, тука се и Клубот на менаџери кој од 15 ноември 2021 ќе воспостави Школа на бизнис-лидери, како и Развој на мали, средни бизниси и стартап бизниси преку воспоставување Модул за развој на мали и средни бизниси како и Модул за развој на старт ап бизниси, исто така од 15 ноември.
Предавачи и членови на Програмските одбори во сите модули ќе бидат најуспешните менаџери и научни работници од нашата држава претставени во органите и телата на Комората, како што се замениците претседатели на Стопанската комора – Клуб 100, потпретседателите на Комората – Клуб 10, претседателите на советите при Комората, како и многу други успешни личности, пред се од бизнисот, кои зад себе оставаат и прикажуваат резултати во работењето.