На почетокот на неделава видовме дека Фејсбук не е непобедлив. Документите и сведоштвата од новиот укажувач ја „напукнаа“ компанијата одвнатре. Социјалната мрежа и нејзините „сестри“ Инстаграм и Вацап не функционираа неколку часа.
Помрачувањето на Фејсбук нѐ стави во сценарио како од филм, во кој главното прашање беше: Може ли да се замисли животот без Фејсбук?“. Резултатот беше очигледен. Социјалната мрежа е преплетена насекаде во нашите животи. Колку Фејсбук беше „недостапен“, толку социјалната мрежа како да беше сеприсутна.
Инстаграм и Вацап исто така беа недостапни, бидејќи години наназад компанијата на Марк Закерберг инсистираше на неразделно спојување на услугите. Ваквиот потег експертите веруваат дека е дизајниран за да ги спречи антимонополските дејствија кои би ја распаднале компанијата.
Без разлика кој и да прашате, падот на трите социјални мрежи откри неколку можни вистини. Прво, Фејсбук е премоќна, бидејќи ги „држи“ Инстаграм и Вацап. Второ, Фејсбук е добар за општеството, бидејќи без него, и другиве две мрежи не постојат, и трето, Фејсбук воопшто не е моќна, бидејќи кога во понеделникот „падна“, цивилизацијата продолжи да си постои. Беше многу полесно да се помине попладнето и вечерта без овие социјални мрежи, отколку да се помине една ноќ без електрична енергија или вода. Тензиите и проблемите од Фејсбук можеле да се забележат во земји каде што граѓаните навистина зависат исклучиво од Фејсбук, Инстаграм и Вацап, кои ги користат за комуникација и трговија. Фејсбук исчезна, а животот таму се влоши.
Фејсбук е во состојба на вечна криза
Со години наназад, „Фејсбук“ се соочува со бранови од критики поврзани со постојаните проблеми кои произлегуваат од нејзините платформи. Постојаните масовни собирања на податоци на корисниците, нарушувањето на приватноста, како и неодамнешното „помрачување“ откако новиот укажувач откри голем број документи поврзани со самоволното постапување и желба за профит се најновиот бран во низата проблеми за „Фејсбук“.
Според документите, вработените во „Фејсбук“ знаат како да ги направат платформите побезбедни, но не го прават тоа бидејќи го ставаат профитот пред доброто на корисниците. Ова е дополнителен доказ дека Фејсбук е социјално-токсична платформа.
Кога Фејсбук, Инстаграм и Вацап „паднаа“, поради технички проблеми, увидовме колку всушност сме станале зависни благодарение на услугите и придобивките во секојдневниот живот. Беше вистински шок кога тие наеднаш станаа недостапни за нас. Затоа, поради тоа колку нашето секојдневие е преплетено во социјалните мрежи, тоа ќе биде поттик за „Фејсбук“ никогаш да не престане да постои.