Патување во NASA Kennedy Space центарот во Флорида, САД за двајца свои претставници освоија студентите од тимот Teamy Seed, кои од 1-3 октомври се натпреваруваа на најголемиот глобален хакатон во светот NASA Space Apps Challenge.
Денес амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, на Твитер им ја честиташе победата на националните победници, како и на другите две групи на млади научници кои беа финалисти на хакатонот.
На јубилејната 10-годишнина на NASA Space Apps Challenge учествуваа повеќе од 28.000 луѓе од над 160 земји. Од Македонија повеќе од 200 млади научници се регистрираа да ги решат 28-те предизвици зададени од експертите на Американската агенција за вселенски истражувања NASA. Од нив, во финалето влегоа три тимови.
Победничкиот тим Teamy Seed го сочинуваа 5 студенти, од кои 4 по потекло од Охрид и 1 од Скопје, на возраст од 21 до 23 години. Mеѓу нив се Тијана Костовска (Машински факултет – Мехатроника, УКИМ), Климент Младеноски (Машински факултет – Мехатроника, УКИМ), Емилија Симјановска (Природно-математички факултет, УКИМ), Ивана Неделковска (Технолошко-металуршки факултет, УКИМ) и Симона Шурбановска (Филолошки факултет, УКИМ). Тие го осмислија и дизајнираа SALASTRA СИСТЕМ ЗА АВТОМАТИЗИРАНО ОДГЛЕДУВАЊЕ НА РАСТЕНИЈА, во кој може да се одгледува спанаќ и други растенија за потребите на Астронаутите на вселенските летала, на други планети, но и на Земјата во сушни области или периоди.
Најмладите финалисти се од тимот на AstriX кој го сочинуваа средношколци од ССОУ „Димитрија Чуповски“ од Велес. Јани Штерјов, Ели Панова, Десанка Николова се на возраст од 16 и 17 години. Тие заедно со професорката од нивното училиште, Љубинка Ртоска ја креираа ЕДУКАТИВНА ИГРА ЗА ВСЕЛЕНАТА наменета за најмладите, со цел зголемување на нивните знаења за Вселената, како и љубопитноста и креативноста од најмали нозе.
Тимот Young Scientists кои осмислија и дизајнираа иновативен производ ЕКОЛОШКИ ФИЛТЕР СО МИНЕРАЛОТ ЗЕОЛИТ кој се поставува на издувниот систем на колите и ги апсорбира CO2 гасовите со што позитивно придонесува за намалување на причините за глобалното затоплување е составен од 4 студенти. Од нив, 3 се по потекло од Струмица и 1 од Скопје. Љубица Гошева (Медицински факултет, УГД), Ружица Минова (Медицински факултет, УГД), Ангела Џингарска (ФИНКИ, УКИМ), Дорис Иванова (Филолошки факултет, УГД) на возраст од 19 до 21 години на иновативното решение работеа заедно со професорките Зорица Масникоса-Поп Трајкова и Костадинка Тушева (дипломирани на Природно-математички факултет-Физика, УКИМ) кои се вработени во СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица.
Целта на NASA Space Apps Challenge е создавање на решенија кои ќе го подобрат животот на Земјата и во Вселената преку користење на јавните податоци на НАСА. Настанот кај нас редовно се одржува од 2013 година со традиционална поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, како и локални компании, експерти, професори и ентузијасти.