Не се очекува стабилизација на цените на недвижностите.
Како резултат на зголемената побарувачка на станови во корелација со намалената понуда, растот на цените на градежните материјали и недостигот од работна рака, овој тренд се очекува да продолжи до крајот на годината.
Според градежниците, трендот на зголемување на цените на становите почна минатата година, кога беше намалено издавањето дозволи за градење во Скопје. Дополнително, намалените градежни активности придонесоа квалитетниот градежен кадар да ги напушта работните места, а градежниците мораа да ги зголемат платите за да ги задржат другите. Најголемо влијание има и глобалниот раст на цените на градежните материјали. Цените на градежните материјали за една и пол година се зголемија за 80 отсто.
Сите материјали што се користат при градба се поскапени, како на пример железото е 200 отсто поскапено, стиропорот околу 20 отсто, дрвото околу 70 отсто, тулите за околу 30 отсто, дополнително е поскапена и цената на трудот, па сето тоа донесе поскапи градежни услуги.
Зголемените трошоци за репроматеријали на светските берзи и проблемите при транспортот во глобалните синџири за снабдување предизвикаа раст на цените на градежните производи, што ги зголеми и цените на становите.
Најголмиот проблем е недостигот од квалификувана работна сила многу влијае врз цената на крајниот продукт. На терен се чувствува недостиг од градежни квалификувани кадри, нема поврат на ваквите кадри од развиените земји, напротив и понатаму се бараат, а тоа се одразува врз финалните цени.
Просечните цени по општини во Скопје се движат по околу 1.300 евра квадратен метар во Центар, 1.250 евра во Карпош, 1.200 евра во Аеродром, 1.150 евра во Кисела Вода, 950 евра Ѓорче Петров, 750 евра во Чаир за квадратен метар.
Поскапувањата на производите покрај тоа што се одразуваат и врз цените на становите, директно влијаат и врз исплатливоста на реализацијата на проектите што се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба, особено во доменот на јавните набавки. Во моментот е најскапо да се гради, анализирано во последните дваесетина години.