Како што беше соопштено од Брисел, Европскиот систем за одобрување на патувањата (ЕТИАС) треба да стане целосно оперативен во текот на 2022 година, по што околу 1,4 милијарди луѓе од повеќе од 60 земји, кои досега можеа слободно да влезат во Шенген -зоната, ќе бидат принудени да аплицираат за овој „билет“ или како што се нарекува „дозвола за патување“ (инстант виза), пред да одат во некоја од земјите на ЕУ, соопштија од Брисел.
На состанокот на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), кој се одржа на 13 октомври, беше напоменето дека ЕУ нема да биде прва што ќе бара слично нешто од земјите кои се во безвизен режим, пренесе српски Блиц.
Како што велат, таква практика веќе постои во САД, Канада, Австралија, додека самата идеја за воведување на ЕТИАС датира од 2016 година, и беше објавено дека целиот систем ќе проработи оваа година, но поради пандемијата, почетокот на имплементацијата беше одложен.
Имено, самиот систем треба да помогне во тековните безбедносни, здравствени и миграциски ризици, а се однесува на вкупно 62 земји кои не се членки на ЕУ, но чии граѓани можат да патуваат без визи во Шенген зоната.
Според властите, системот на ЕУ ќе биде многу лесен, брз и едноставен, иако ќе вклучува луѓе кои планираат патувања за туризам, бизнис или некои други причини. Оние кои планираат да патуваат во ЕУ ќе треба да пополнат онлајн апликација.
Сите апликанти, на возраст од 18 до 70 години, ќе треба да платат седум евра за оваа услуга, додека таа ќе биде бесплатна за малолетници, а нивните податоци ќе треба да ги пополнат и испратат нивните родители.
Со овој документ, откако ќе влезете во земјата што ќе ја наведете како прва дестинација, ќе можете да ги посетите сите други земји на Европската унија.
Дозволата во 2022 година ќе ви биде потребна ако планирате да одите на море во Грција или Хрватска, да шетате во Унгарија, Австрија или Германија, да скијате во Словенија или Бугарија…