Ајварката оди во Романија, јаболката во Украина, а грозјето во Русија.
Освен овие пазари, македонските земјоделски производи се извезуваат и во земјите од регионот, Блискиот Исток и во Европската Унија. Како и секоја година така и оваа за извоз отиде она што е поквалитетно, а за домашниот пазар остана она со послаб квалитет, односно втора класа. И покрај тоа што за граѓаните цените на овошјето и зеленчукот годинава се високи и им се нудат неквалитетни производи од увоз од Албанија, Грција, Турција…, сепак земјоделците се задоволни што има извоз и што производите нема да им останат по нивите да им скапуваат.
Поголем дел од земјоделските производи одат за извоз, бидејќи домашниот пазар е многу мал и не може да се продаде целото производство. Земјоделците велат дека за извоз одат оние земјоделски производи кои се со екстра квалитет поради стандардите кои ги бараат земјите увознички, како и поради транспортот, бидејќи производите кои не се прва класа не трпат подолг транспорт.
За домашниот пазар остануваат оние јаболка кои не можат да се извезат. Домашниот пазар е многу мал и на него се продаваат само 15 илјади тони јаболка годишно, поголем дел одат за извоз.
Слична е состојбата и со ајварката, која освен на пазарите во регионот најголем дел се извезува во Романија, а дел оди и за рускиот пазар. Земјоделците велат дека и покрај намалените површини, сепак ќе има ајварка и за домашниот пазар и за извоз.