Пандемијата атакуваше врз одредени сектори, од каде што голем број луѓе останаа без работа.
Ова неминовно го наметнува прашањето како да се вработат и ангажираат лицата што поради пандемијата останале без работа. Дали тие може да бидат ангажирани на друга работна позиција, особено онаму каде што стопанството има дефицит на работен кадар, па со преквалификација и обуки да се приспособат на ново работно место. Не е лесно со адаптација или разни кратки обуки да се пренасочат работници од една во друга дејност.
Ако зборуваме, на пример, за текстилните работници, тешко дека тие може да се адаптираат и да работат дејности што се дефицитарни. Прв проблем што оневозможува да се приспособат во нова дејност е што најголем дел текстилни работници се жени, а голем недостиг од работници на пазарот се чувствуваа кај дејности за кои се потребни мајстори и кои пред сѐ можат да ги вршат мажи. Има дејности за кои, пак, се потребни долготрајни обуки и искуство, еве како пример ќе ги посочам браварите, каде што не е можно со три месеци обука да се изучи дејноста, туку, напротив, потребни се три години за изучување на струката, каде што се вклучени и обуки за безбедност при работата, а да не зборуваме за други дефицитарни занимања за кои може да требаат уште подолги обуки.
Одредени струки и работни позиции може да се пополнат со лица што посетувале обуки, но не сите.
Организирањето обуки за работниците што се прави преку разни проекти е позитивен обид за намалување на разидувањето меѓу работниците и потребите на стопанството, но не може секоја струка да се пополни со неколкумесечни обуки.
Иако има отпуштени работници, има сектори каде што недостига работен кадар, но поради образовното разидување, тие места остануваат непополнети. Можеби одредени струки и работни позиции може да се пополнат со лица што би посетувале обуки, но не сите. Мора да имаме на ум, за споредба, во Германија, за некој да стекне титула мајстор, потребни му се три години за изучување на занаетот, што е показател колку време треба да се изучи и усоврши одреден занает.
Преквалификацијата добар маневар, но да не се негува надеж дека е решение за прекуноќ.
Одредени вештини, како на пример од ИТ-секторот, успеваат да се изучат со неколкумесечни обуки, секако во зависност од степенот на образование, од претходните познавања на лицето што го посетува курсот, но и од самиот материјал што се изучува.
Низ годините се случувало и ќе се случува одредени професии да исчезнуваат, но, од друга страна, се појавуваат нови, што е знак дека сите треба да ги следиме новините, да се образоваме за нив, за да може полесно да се адаптираме.
Лицата што сакаат да работат ќе најдат работа, без оглед дали се од област што во моментот не е барана. Еве, да ги земеме за пример текстилните работници, тие сигурно со неколкумесечна обука не би можеле да се усовршат на некој друга работна позиција, ниту пак да станат стручни за некој занает што е претежно од областа на машките работни позиции, бидејќи природата на работата е таква. Но секако дека можат да почнат од некоја полесна позиција во компаниите, исто така се отвораат се повеќе позиции за негувателки, било да станува збор за деца или, пак, за чување повозрасни граѓани, некои би можеле да се адаптираат таму и да најдат нова работа.