Во Македонија ќе се градат три нови луксузни ски – центри по сите светски стандарди и тоа на Јабланица, кај Струга и Вевчани, на Бушова планина, кај Крушево и Македонски Брод и на Караџица, кај Сопиште и Студеничани, информираше в.д. директорот на Агенцијата за странски инвестиции.
Целта на овој проект е да го стимулира и да даде силен импулс за развој на домашниот туризам и економија. Идејата е новите туристички центри да се користат од страна на посетителите во текот на целата година и летниот и зимскиот период.
Прелиминарните процени се дека овој проект би чинел помеѓу 700 и 800 милиони евра, а опфаќа изградба на три нови туристички села, на овие три локации, кои би содржеле вкупно 16 луксузни хотели со четири и пет ѕвезди, ресторани и околу 130 планински куќи со капацитет од над пет илјади легла, појасни Павлески, нагласувајќи дека особено ќе се води грижа за заштита и унапредување на животната средина. Ќе бидат изградени и жичарници, ски лифтови и над 180 километри алпски скијачки патеки, како и велосипедски и авантуристички патеки.
Промовирајќи го овој нов ексклузивен проект, Павлески нагласи дека тоа се локации кои имаат одлични природни предиспозиции и соодветна инфраструктура. Развојот на овој проект, потенцира, ќе ја промовира нашата земја како врвна ски – дестинација со конкурентни цени на скијачкиот пазар, во споредба со регионот и меѓународните конкуренти.
Доминантната изложеност на исток на ски патеката, присуство на вода и на езера на голема надморска височина, на снежна покривка помеѓу 1200 и 2200 метри во текот на близу 140 денови во годината, како и лесната пристапност до самите локации, како и двата меѓународни аеродроми во непосредна близина се огромна предност и тешко се наоѓаат заедно на едно место во повеќето актуелни туристички места, изјави в.д. директорот на Агенцијата.
Тој информира дека вкупната инвестиција за Јабланица би била околу 320 милиони евра. Должината на скијачките патеки е предвидено да биде 85 километри, 21 километар скијачки лифтови и два резервоари каде ќе се произведува снег. Предвидено е изградба на 10 хотели, од кои шест би биле со четири ѕвезди, а другите по пет. За останатите два проекти, за Македонски Брод и Крушево, инвестицијата би била 235 милиони евра, додека за Патишка река инвестиција од 270 милиони евра.
Агенцијата активно ќе работи на промоција на овие проекти, со цел во најскоро време да можат да бидат реализирани. Во наредните неколку месеци ќе бидат презентирани и на светскиот настан ЕКСПО 2020 во Дубаи, а веќе се остварени прелиминарни контакти, кои набрзо ќе резултираат со директни презентации со потенцијални инвеститори.