Златарници, фризерски салони, пиљарници, училишта за странски јазик и мали бутици, со првиот мрак ги гаснат излозите и светлечките реклами за да заштедат и да ги намалат своите сметки за струја.
Понекаде навечер се забележува само безбедносна светилка, а преку ден во дел од малите занаетчиски дуќани не ги палат ниту греалките, бидејќи индустриската струја ги „изгоре“ во ова време кога имаат се помалку муштерии. И без да се прогласат рестрикции, во населбите, освен уличното осветление, останаа да светат само излозите на големите маркети, но и билбордите од локалните избори. Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Македонија, вели дека скапата струја ќе ги сотре малите и микро фирми ако државата не им излезе во пресрет со некои мерки и субвенции.
– Не бараме да плаќаме струја како домаќинствата, туку да нѐ стават во друга категорија – додава Фазлији, загрижен и за најавената енергетската криза и предвидувањата дека можно е да се зголеми цената на електричната енергија.
Занаетчиите, малите и микро фирми со години плаќаат индустриска струја која е 100 отсто поскапа. Тоа ви следува уште со самиот упис кога ќе регистрирате деловен простор. Во ист кош со големите компании се златари, бербери, шнајдери, иако потрошувачката на овие микро и мали занаетчиски дуќани, воопшто не може да се спореди со потрошувачката кај поголемите индустриски капацитети. Како е можно еден фен или бор машина да трошат толку многу струја? Во некои микро и малите занаетчиски дуќани, едвај се вклучува дури и греалка, а сметките се огромни. Затоа бараме микро и малите претпријатија да се стават во посебна ставка и да не плаќаат скапа индустриска струја – објаснува Фазлији. Во земјава има 6.000 самостојни вршители на дејност во кои работат околу 15.000 лица.
Пандемијата ни нанесе огромен удар и за жал сé уште трае, а тоа е дополнително оптоварување за занаетчиите – додава Фазлији.
Оние кои крпат од месец за месец, сумите не беа доволни ни да се покријат основните трошоци како придонесите за плати, сметки за комуналии и кирија за објектите.
Извор: slobodenpecat.mk