Во услови на економска криза која е дел од реалноста која компаниите ја живеат во моментот, неопходни се промени. Промени во начинот на планирање, промени во начинот на размислување за бизнисот и креирање на нови стратегии – краткорочни и долгорочни, прво за преживување, потоа и за успешен излез од кризата.
Голем дел од компаниите во овој период се соочуваат со предизвикот да ги одржат своите бизниси профитни. Едно од прашањата кое ќе ги однесе 100 чекори напред треба да гласи: „Кои профитни центри ги има компанијата и кои непрофитни центри може да ги претвориме во профитни?“
ШТО СЕ ПРОФИТНИ ЦЕНТРИ?
Профитни центри се сектори или организациски целини во компанијата кои директно носат профит – кои издаваат фактури кон надвор. Обично во компаниите има само неколку профитни центри, некои од типичните примери за профитни центри се: малопродажни објекти, филијали, итн.
СПРОТИВНО НА НИВ, ШТО СЕ НЕПРОФИТНИ ЦЕНТРИ?
Непрофитните центри се сектори или организациски целини кои не носат директно профит во компанијата, но ги помагаат другите процеси. Најчесто вакви сектори се: правниот сектор во компанијата, секторот за финансии, секторот за човечки ресурси, администрација, маркетинг, итн. Постоењето на овие центри е нормално во секоја компанија, но сепак во време на криза, како и во вообичаена состојба, корисно е да се размислува во насока на нивно искористување за обезбедување одржливост.
ПРАШАЊЕ: КАКО ДА ГИ НАПРАВИМЕ НЕПРОФИТНИТЕ ЦЕНТРИ – ПРОФИТНИ?
Одговорот не е едноставен, но подразбира размислување „надвор од кутијата“ и поставување на едно отворено прашање „Што мојот непрофитен центар е во можност да понуди на пазарот?“.
На пример: Доколку една IT компанија има развиено маркетинг тим за своите потреби, може да развие продукт „Дигитален маркетинг пакет“ кој ќе го понуди на компаниите со кои соработува или „Курс од областа на дигитален маркетинг“ кој ќе го понуди за едукација на пошироката јавност со што ќе постигне максимално искористување на секторот и претворање на истиот во профитен центар.
Овој начин на размислување води кон 3 прашања кои секоја компанија треба да си ги постави:
- Кои сектори носат профит?
- Кои сектори не носат профит, однсоно единствено служат како поддршка на бизнисот?
- Што може да понудат непрофитните центри за бизнис заедницата, клиентите, соработниците што би ги трансформирало во профитни*?
*Притоа, во време на криза поимот „профитен центар“ корисно е да не се се анализира исклучиво само по генералната дефиниција на истиот. Сите активности на секторите кои придонесуваат кон градење на брендот на компанијата (бесплатни вебинари и различни форми на бесплатна едукација), креирање на конекции кои понатаму постои можност да резултираат во соработки, индиректна промоција на нашите услуги преку зголемена достапност на нашата компанија се основа за вашите идни продажби и како такви може да се вклопат во истата дефиниција.
автор на текстот: Анита Јанчевска, HR консултант во Vrabotuvanje HR Solutions