Државата во иднина ќе им покрива дел од трошоците за домашна помош на семејствата и самохраните родители. Министерот за труд најавува дека таквата помош ќе започне од 2023 година.
Идната сојузна влада планира финансиски да ги растовари родителите. „Воведуваме систем за помош при вршење на секојдневни домашни работи. Државата ќе им дава на семејствата додаток во вид на ваучер за да можат да си дозволат помош во домаќинството“, најави министерот за труд Хубертус Хајл. Како прв чекор, семејствата со деца, самохраните родители и лица кои се грижат за своите болни роднини ќе добиваат годишен бонус во износ од максимални 2.000 евра.
Државата презема 40 отсто од трошоците
На родителите со мали деца или на оние кои се грижат за свои роднини особено им треба поддршка за чистење на станот, грижа или нега на деца, вели министерот. „Но, луѓето кои нормално заработуваат често не можат да си дозволат за ваква помош да ангажираат регуларен, социјално осигурен работник“, вели Хајл.
Според новиот модел, државата и семејствата ќе треба да ги делат трошоците за плаќање на работна сила за секојдневна помош во домаќинството. „Од вкупниот износ, преку ваучери би се покриле 40 отсто од трошоците, додека 60 отсто би плаќале самите граѓани“, вели Хајл. Процесот треба да биде регулиран преку апликација преку која сертифицираните фирми би ги нуделе своите услуги, а граѓаните директно би уплаќале 60 проценти од бараната сума. Останатите средства, фирмите ќе ги наплаќаат од државата.
Борба против работа на црно
Мотив за воведување на ваучерите, според Хајл, е и желбата да ѝ се застане на патот на работата на црно. Покрај тоа, потребно е да се подобрат условите за работа на луѓето кои нудат и вршат услуги на помош во домаќинствата. И ангажираните работници би профитирале бидејќи би добиле социјално осигурување и би добивале по најмалку 12 евра на час.
Според првичните проценки, реализација на овој проект во првата година ќе ја чини државата околу 400 милиони евра. Во првата година, помош ќе добијат семејствата, самохраните родители и оние кои негуваат блиски. Во следниот чекор, сите би требало да добијат државна помош. Во таков случај, годишната државна помош ќе достигне 1,6 милијарди евра, но и државата ќе има приход од уплатата на социјално осигурување и данок.
Извор: libertas.mk