Специјализираната компанија за високо комплексни компоненти од алуминиум и алати ЛТХ Леарница, како странска инвестиција со над петстотини вработени, е присутна во Македонија повеќе од 16 години. Од почетоците до денес, компанијата која оперира на површина од 9,600 м2 во индустриската зона во Охрид, бележи значаен технолошки раст и развој на процесите.
Во последните неколку години интензивно се инвестираше во проширување на производствените капацитети, нови технологии и опрема. Инвестициите беа придружени со нови вработувања, како и континуирано вложување во обуки за вработените. Од стратешка гледна точка, во самото планирање на инвестициите, ги имаме во вид последните технолошки достигнувања, како и можноста за автоматизирање на повеќе операции со што би постигнале уште подобар квалитет на нашите производи и зголемена ефикасност во работењето. Од друга страна, во насока на долгорочна одржливост, еден од приоритетите, секако е дигитализација на процесните документациии. Заради тоа компанијата има потреба од високо едуциран технички кадар, способен да одговори на овие предизвици. – истакнуваат од компанијата.
ЛТХ Леарница ја препозна потребата од интензивирање на соработката и со локалните технички училишта и дуалниот метод на образование, како можност за соодветна едукација и подобра можност за вработување на младите лица. Компанијата беше меѓу првите што се вклучија во оваа пилот програма, која се реализира во соработка со ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ од Охрид.
Менторската програма која ја имавме, сега ја прилагодивме и на наставната програма на учениците, и во моментов имаме 34 ученици кои посетуваат практична настава кај нас. Во исто време, на студентите кои се запишуваат на техничките факултети им нудиме и програма за стипендирање, со вклучена практична работа и помош при изработка на проекти, дипломски работи и слично. – посочува компанијата.
Компанијата ги користи и групациските искуства и експертизи, и во моментов има неколку активни програми за размена на инженерски кадар, како и воведни програми за млади инженери кои можат да научат повеќе за ЛТХ интерните процедури, автомобилските стандарди за квалитет и процесите кои се специфични за оваа индустрија.
Бараме високо мотивиран млад инжeнерски кадар и технички обучени лица, кои имаат желба да работат во динамично окружување со последната технологија во нашата индустрија. – потенцираат од компанијата.
Нашите вработени се наши значајни ресурси. Над 40% од петстотини и дваесетте вработени, имаат работен стаж во компанијата повеќе од 10 години. И покрај предизвиците кои ни ги донесе пандемијата во овие две години, успеавме да го одржиме истиот број на вработени. Со проширувањето на производствените капацитети и веќе добиените нови проекти од нашите купувачи, во очекување на стабилизирање на автомобилската индустрија, очекуваме и нови вработувања во текот на следната година, велат од ЛТХ Леарница.
Ковид 19 ни покажа колку е важно да се грижиме за нашето здравје, затоа ЛТХ Леарница им овозможи на своите вработени да користат приватно здравствено осигурување кое покрива трошоци за лекување и дијагностика во сите приватни здравствени установи во Македонија, Словенија и Турција. – додаваат од компанијата.
ЛТХ Леарница е дел од словенечката LTH Castings групација, која е е специјализирана во полето на развој, леење, обработка и монтажа на високо комплексни компоненти од алуминиум, како и изработка на алати наменети за сопственото производтво. Групацијата е еден од водечките европски добавувачи на висококвалитетни обработени алуминиумски одливци наменети за автомобилската индустрија. Главните партнери на комапнијата се глобално познати брендови како „Mercedez Benz“, „Bosch“, „BMW“, „ZF“, „SumiRiko“, „Continental“, „Kostal“.