Пратениците на Европската унија уште еднаш се судрија околу тоа што ЕУ го смета за една од најголемите победи во историјата на правата на потрошувачите: правото на да телефонираат и да пишуваат пораки без да плаќаат дополнителни трошоци кога патуваат во рамките на ЕУ.
Договорот за рајомингот од 2017 година беше поздравен како „еден од најголемите и најопипливите успеси на ЕУ“, што им покажа на Европејците дека Европската унија работи во нивна полза – во услови на страв од популизам, Брегзит и непријателство кон лидерството на блокот. Договорот уследи по 13 години политичко пазарење што ги спротивстави претставниците на ЕУ против националните главни градови под притисок од моќните телекомуникациски гиганти. Но, пратениците ја оставија работата недовршена.
„Времето полека истекува бидејќи новоревидираната регулатива треба да стапи на сила пред летото“, рече Роберт Хајшел, словачки социјалдемократски пратеник во Парламентот, кој беше тесно вклучен во преговорите за позицијата на Парламентот за законот.
Документ до кој дојде Политико, пак, покажува дека официјалните лица треба да надминат „четири главни отворени политички прашања“, вклучително и максималната цена што телекомуникациските провајдери можат да си ја наплаќаат меѓусебно за користење на мрежите на другите во странство и цената на повиците што ги прават граѓаните на ЕУ на телефонски броеви од други земји на ЕУ („интра-ЕУ повици“). Доколку преговорите не успеат, граѓаните на ЕУ би можеле одново да се соочат со страшни „мега-сметки“ за користење на нивните мобилни телефони во странство уште следната летна сезона.
Најспорен во списокот со пречки е обидот на Европскиот парламент да ги укине високите давачки за повиците упатени во друга европска земја, познати како повици внатре во ЕУ. Додека цените за повиците од странство до дома паднаа поради правилата за роаминг на ЕУ, повиците во рамките на ЕУ сè уште можат да предизвикаат конфузија и страв од телефонските сметки кај Европејците.
Телекомуникациските оператори изразија жалење поради обидот на Парламентот да ги намали трошоците. Тринаесет извршни директори на телекомуникациите излегоа со заедничка изјава минатата недела со порака дека укинувањето на наплатата на повиците во рамките на ЕУ ќе го чини секторот 2 милијарди евра во следните четири години, време кога трошат многу пари во воведување на 5G мрежи.
„Историската мисија на нашиот сектор, денес, е да им дадеме 5G и оптички влакна на сите Европејци. Наметнувањето уште повеќе намалувања на цените на веќе хиперрегулиран сектор отворено би било во спротивност со целите на ЕУ за дигиталната деценија“, рече Лизе Фур, генерален директор на ЕТНО, Европската телекомуникациска мрежа.
Во овонеделниот преговарачки документ се сугерираше дека Парламентот би можел да се задоволи со мек јазик што ќе ги поттикне операторите да ги намалат трошоците за разговорите во ЕУ, наместо со тврд закон што ги укинува овие давачки.