Како компанија, цврсто веруваме дека еден од клучните фактори е автономијата којашто вработените ја добиваат во еден систем, како и поддршката за воспоставување и одржување рамнотежа помеѓу нивниот приватен и професионален живот
Покрај бројните предизвици во време на глобална криза, “iGaming” индустријата продолжи да бележи исклучителен раст. Во последниот период, една од најпрофитабилните индустрии во светски рамки, покажа особена отпорност на пазарните флуктуации, а благодарение на континуитетот во технолошките иновации и искусниот напредок, “iGaming”-от е на добар пат да достигне вредност од над 127 милијарди долари до 2027 година. Еден од водечките провајдери на софтвер за електронско спортско обложување и онлајн казино, македонскиот BtoBet, ја завршува 2021 година со одлични резултати и покрај динамичниот период кој ја стави на тест целата индустрија.
Оперативниот извршен директор на BtoBet, Дима Ридерман, во интервју за Фактор вели дека во последниот период меѓу најголемите предизвици за сите чинители во висококонкурентната “iGaming” средина биле стратешкото поставување и функционирањето во новите услови за работа, но и справувањето со рапидниот раст на побарувачката и зголемениот интерес за електронско спортско обложување преку онлајн каналите кај значителен број постојни и нови играчи.
„Периодот зад нас беше турбулентен за сите индустрии, а клучно беше прилагодувањето на работниот тек, бидејќи сега е сосема сигурно дека работењето никогаш повеќе нема да биде исто. За BtoBet како компанија главна беше промената на начинот на комуникација и делегирањето на одговорностите, што успешно го постигнавме зголемувајќи ја ефикасноста и агилноста во работењето. Од друга страна, она со што се соочи “iGaming” индустријата предизвика забрзани промени кои верувам дека ќе имаат долгорочен ефект врз нејзиниот развој во иднина“, изјави тој, додавајќи дека благодарение на решението што го нуди BtoBet, кое е фокусирано на самиот играч и прилагодено за сите канали, компанијата успешно ги задоволила потребите на партнерите и нивните играчи и покрај предизвиците.
И како дел од реномираната групација Aspire Global, која се котира на шведската берза и е на врвот на Б2Б синџирот на вредности во индустријата, BtoBet продолжува да го одржува својот идентитет на водечки провајдер на софтвер за спортско обложување преку сопствената организациска структура, реализирајќи стратегија која се покажа успешна во последните години.
Сепак, според Ридерман регрутирањето квалитетни кадри во оваа бизнис средина и натаму останува потешкотија за сите компании и нешто што дополнително ја зголемува и онака високата конкурентност, бидејќи сегментот на управување со човечките ресурси е еден од најважните во процесот на креирање и испорачување квалитетен производ.
„За успешно работење во ова деловно опкружување, неопходно е да се има добро развиена стратегија за регрутирање нови таленти и задржување на постојните вработени. Како компанија, цврсто веруваме дека еден од клучните фактори е автономијата којашто вработените ја добиваат во еден систем, како и поддршката за воспоставување и одржување рамнотежа помеѓу нивниот приватен и професионален живот“, рече Ридерман, потенцирајќи дека она што BtoBet го нуди од аспект на бенефициска програма, флексибилно работно време, но и можноста за работа во мултикултурна средина како дел од мултинационална групација, се нешто што се покажало дека е од голема вредност за постојните, но и потенцијалните вработени, бидејќи на последниот регионален саем за вработување, штандот на компанијата бил најпосетуван во ИТ павилјонот.
Во однос на плановите за годината пред нас и предвидувањата за динамичната “iGaming” индустрија, Ридерман истакна дека стратешкото планирање е клучно, но оперативните планови неретко се подложни на промени бидејќи во оваа индустрија постојат многу варијабли кои влијаат на редовните работни текови.
„За нас е важно е да бидеме добро подготвени за различните сценарија, во смисла на флексибилност и на некој начин креативност во работата. Фокусот секако останува на зајакнувањето на пазарното присуство и позиција на постојните, но и користењето на можностите кои ги нудат новорегулираните пазари. Сепак, приоритет како и секогаш е развојот на нови и иновативни технолошки решенија, но и унапредување на постоечките, а сето тоа преку натамошно зајакнување на компаниската култура во која вработените се на прво место“, заврши Ридерман.