Работодавачите покрај тоа што ќе треба да платат казни, ќе треба и да ѝ ги вратат парите на државата што од неа ги зеле како парична помош. Неофицијалните информации говорат дека добар дел од фирмите веќе не постојат и ќе нема од што да се наплати штетата.
Иако јавноста веќе една година чека одговори и казни за манипулациите на работодавачите, последните информации за темата се од летоска, кога медиумите објавија дека Владата побарала кривична одговорност за речиси 1.200 претпријатија поради злоупотреба на државната помош. Според јавно објавените списоци на веб-страницата на Владата, за сите компании биле поднесени пријави до Основното јавно обвинителство. Процена е дека повеќе од 3 илјади работници не ги добиле заработувачките.
Мерката финансиска помош за исплата на плати се реализираше седум месеци и беше една од најискористените во пандемијата. Како што се објавуваа списоците на фирмите што ги избегнаа своите обврски, така синдикатите и граѓанските здруженија апелираа да се изрекуваат повисоки парични глоби, па и затворски казни.
Уште на почетокот се јавија сомнежи дека никој нема да биде казнет бидејќи во нашиот Кривичен законик не е пропишана казна за кривично дело злоупотреба на државната помош. Нашиот Закон за работни односи определува рок за исплата на платата и санкции за негово непочитување, а Кривичниот законик дополнително кршењето на правата од работен однос на работникот ги дефинира како кривично дело.
Извор: slobodenpecat.mk